Потресна атмосфера имаше денеска во судницата во Идризово, каде на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ беа презентирани фотографии и видеа од увидот направен по трагедијата.
Обвинителот Дарко Јакимовски, меѓу стотиците фотографии од објектот, покажа дека зад украсните платна и материјалите за звучна изолација се наоѓале прозорци што, според обвинителството, уште од 2012 година биле затворени со големи лимени плочи од внатрешната страна.
Според обвинителот, лимовите не само што ги блокирале прозорците и ја оневозможиле евакуацијата, туку со брзото загревање дополнително придонеле за зголемување на температурата во објектот.
Адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственикот на објектот, забележа дека лимот и сунѓерот за звучна изолација биле поставени затоа што законот го пропишувал тоа за угостителски објект од ваков вид.
Обвинителството посочи дека, според трагите од горлив и негорлив материјал, во објектот се развила температура од околу 800 Целзиусови степени. Како материјали што придонеле за брзо ширење на пожарот беа наведени полиуретански сунѓер, стиропор, первол, дрвени елементи и гипс-картон. Покривот, според презентираното, бил со азбестни табли.
Јакимовски истакна дека денешното презентирање не претставува градежно вештачење, туку приказ на фотографии и снимки од увидот по пожарот. Деталите за материјалите и нивната улога во ширењето на огнот треба да бидат дополнително објаснети од градежен вештак во посебно сослушување.
Во судницата имаше силни реакции од родителите на загинатите кога на фотографиите се појавуваа лични предмети и делови од просторот во кој се случила трагедијата.
На снимките и фотографиите, според презентираното во судница, се гледал објект со само една тесна влезно-излезна врата, тесни ходници, тоалети со решетки на прозорците, празни хидранти, без јасно означени патокази за евакуација и без осветлени излези за случај на пожар или друга несреќа.
Обвинителството претходно посочи дека просторот бил пренатрупан, со околу 650 посетители, а според наводите, продадените билети без фискални сметки не биле кинети, туку биле земани од гостите и враќани на билетара како непродадени.
Ова е дел од големиот судски процес за трагедијата во „Пулс“, во кој се обвинети 35 лица и три фирми. Во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.