Во Volkswagen веруваат дека иднината на автомобилската индустрија припаѓа на електричните возила, и покрај тоа што пазарот сè уште е поделен околу нивното прифаќање. Мартин Сандер, член на управата на компанијата задолжен за продажба и маркетинг, изјави дека со текот на времето купувачите сами ќе ги препознаат предностите на електричните автомобили, споредувајќи ја оваа промена со историскиот премин од коњски запреги на автомобили.
Според него, наместо фокусот да биде на забрани за бензински и дизел мотори, треба да се истакнат предностите на електричните возила, како пониски трошоци за користење, помала бучава и подобри возни карактеристики.
Од Volkswagen нагласуваат дека и покрај побавниот раст на продажбата на електрични автомобили во Европа, компанијата останува посветена на електрификацијата и развојот на нови модели. Во наредниот период, производителот планира дополнително проширување на својата електрична понуда, очекувајќи дека развојот на инфраструктурата и пониските цени на батериите ќе придонесат за поголемо прифаќање на електричната мобилност.