Дипломатски тензии меѓу Киев и Варшава: Украинскиот шеф на дипломатијата ќе врати полско одликување по одлуката за Зеленски

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха најави дека ќе го врати полското државно одликување, откако Варшава му го одзеде орденот на претседателот Володимир Зеленски, потег што Киев го оцени како непотребна ескалација.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха најави дека ќе го врати високото државно одликување што му беше доделено од Полска, по одлуката на полскиот претседател Карол Навроцки да му го одземе Орденот на Белиот орел на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сибиха оцени дека потегот на Варшава претставува „стратешка грешка“ која, според него, оди во прилог на Москва и ги нарушува односите меѓу двете земји.

Во објава на Фејсбук, тој изрази жалење што, како што наведе, „емоциите надвладеале“ во полската политика и довеле до, како што ги опиша, неосновани и непочитувачки одлуки кон Украина и нејзиниот претседател.

„Во вакви услови не гледам можност да го задржам државното одликување на Република Полска, кое ми беше доделено во 2022 година. Наскоро ќе го вратам“, порача Сибиха.

Тој нагласи дека Украина останува посветена на дијалог и меѓусебно почитување, дури и во ситуации на сериозни историски и политички разлики.

Сепак, Сибиха предупреди дека никој не може да ѝ ја диктира на Украина нејзината историска перспектива, додавајќи дека Киев и Варшава треба да продолжат со разговори како сојузници со заеднички безбедносни предизвици. Одлуката на полскиот претседател доаѓа по контроверзи околу симболичното именување на украинска воена единица по припадници на УПА, организација која во дел од полската јавност е поврзана со историски масакри врз Полјаци за време на Втората светска војна.

Иако во Украина дел од УПА се смета за симбол на отпор против советската власт, во Полска таа останува предмет на длабоки историски и политички поделби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс