Македонската режисерка Дина Дума ја освои Nora Ephron Award на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше светската премиера во рамки на фестивалот.
Со ова признание, Дума станува првата македонска режисерка што ја добива оваа награда, која се доделува на исклучителна жена филмска авторка што го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон.
Во образложението на жирито се наведува дека делото на Ефрон често го поставувало прашањето како жените преживуваат во непријателски свет, а изборот на годинашната добитничка одговара на тоа прашање на повеќе начини.
Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, но истовремено исполнет со радост и хумор. Посебно е истакнато дека Дума им дава глас на оние кои најчесто остануваат без глас, отворајќи длабоко човечко искуство преку ликови што ја слават солидарноста и семејството.
Филмот беше дел од International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и фондови од земјите копродуценти.
Nora Ephron Award носи и парична награда од 25.000 долари, како поддршка за понатамошниот авторски развој и создавање нови филмски проекти.