Новиот роман „Понекогаш се враќаат“ од истакнатиот македонски писател и сликар Димитрие Дурацовски ќе биде промовиран на 9 јуни, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
За книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе зборуваат Ангелина Бановиќ-Марковска, Ненад Јолдески и Оливера Ќорвезироска.
„Понекогаш се враќаат“ е шеста книга на Дурацовски и роман во кој една куќа станува простор низ кој минуваат многу животи, смртти, предмети, соби, фиоки и приказни. Делото зборува за враќањето кон себе, кон корените и кон најдлабоките слоеви на сеќавањето.
Во романот се отвора свет на „калливата, но топла, удобна и сигурна провинција“, на Струга што „наликува на излупен бел бадем“, на самотијата како засолниште и на времето што никогаш не исчезнува целосно.
Особеноста на ова дело е што има два краја, еден во книгата и друг на задната корица. Во него Дурацовски за првпат создава свет исклучиво со зборови, пренесувајќи ја својата препознатлива визуелна чувствителност во книжевен израз.
Димитрие Дурацовски е една од најавтентичните фигури во современата македонска култура. Како писател и сликар, тој со децении ги преиспитува границите меѓу книжевноста и визуелната уметност, создавајќи опус обележан со постмодернистичка естетика, тишина, меморија и силна внатрешна слика.
Автор е на култните збирки раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на наградените романи „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. Двократен добитник е на „Рациново признание“, а носител е и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.
Минатата година, во издание на „Арс Ламина“, беше објавен неговиот хибриден роман „Околу три по полноќ“, прва публикација по пауза од една деценија. Книгата беше високо оценета од читателите и критиката, а на наградите на Македонската асоцијација на издавачи освои второ место за највпечатлив целосен дизајн на книга за возрасни.
Романот „Понекогаш се враќаат“ е достапен во поголемите книжарници и онлајн преку literatura.mk.