Димитар Ѓорѓиевски: Театарот е огледало на млакоста која ја живееме

Наместо да си ја негуваме автентичноста, се губиме во следење на некои помодарски, плитки теми и идеи наложени од „хипстерите“ низ Европа…

Актерот Димитар Ѓорѓиевски годинава ја доби наградата „Кирил Ристоски“ за најдобра машка улога, за ликот Фезлиев во претставата „Црнила“ на НТ Прилеп. Во разговор за театарот, публиката, состојбите во културата и општеството, Ѓорѓиевски зборува без задршка, за Прилеп како „најтеатарскиот град без театарска зграда“, за храброста на сцената, за младите генерации што носат свеж ветер, но и за чувството дека Македонија полека ги губи сопствените вредности. Искрен, самокритичен и без потреба од големи фрази, тој открива што му недостига во современиот македонски театар и зошто живиот контакт меѓу актерот и публиката останува незаменлив.

Трн: Наградата „Војдан Чернодрински“ доаѓа како признание од фелата. Дали ваквите награди повеќе носат радост или чувство на одговорност?

Димитар: Радост. Одговорноста си е присутна сама по себе и без награда. Како исон. Барем јас ја чувствувам постојано. А радост и затоа што доаѓа од фелата, ама и затоа што ни дава некакво олеснување, некаква себепотврда која нам секогаш ни треба на некој начин, затоа што се занимаваме со професија во која скоро никогаш два и два не се четири, па ретко кога сме сигурни дека тоа што го правиме е точно или добро или вистинско или интересно и така натаму. Значи многу често немаме репер за добротијата на работите, па наградите ни доаѓаат како некој репер, отпосле.

Трн: Доаѓате од „најтеатарскиот “ град во Македонија кој нема своја теататарска зграда. Како  се справуваш со тие поделени чувтства?

Димитар: Чувствата не се баш поделени, повеќе се наталожени. Измешани. Од една страна, мене како актер не ми треба зграда. Добро познато е тоа што го кажал Брук мислам, дека за театар се потребни двајца, еден да прави нешто и еден да гледа. Јас се водам од тоа, кога велам дека мене не ми треба зграда за да се изразувам, а ние во Прилеп, вака или така се изразуваме, и го правиме тоа со радост и со посветеност колку што дал Господ. Е сега… кога станува збор за публиката, од општествено гледиште, мислам дека е голема неправда, на сите редовно платени даноци, да и биде ускратено правото на комоција при гледањето на тоа наше изразување. Прилеп е град од многу илјади жители кои одбрале да живеат во заедница наречена град, дел од заедница наречена држава. Истите тие многу илјади жители гласаат на демократски избори нивни претставници кои ги овластуваат да раководат со заедничките работи и за жал, избраниците не го прават тоа како што е очекувано. Скоро во сите сектори. Јас можам да зборувам за секторот театар каде што народски кажано, по една цигла месечно да лепеа последниве педесетина години, сега ќе имавме театарска зграда на која сите ќе бевме горди. Ние не само што не изградивме нова зграда, туку дозволивме и старата, која многу си ја сакавме да пропадне. Дел од вината е и наша, не велам не, ама ние за градење и одржување ниту имаме учено, ниту пак сме овластени, така што, вината во најголем дел ја префрлам на тие што сме ги гласале. Нивниот одговор најчесто е сега ќе биде, после ќе биде, да го почекаме ребалансот, да видиме прво проектот или не знам што… ама зграда нема. Така да, како и со повеќето работи во државава, се надеваме на подобри времиња.

Трн:  Театарот отсекогаш бил место каде се поставуваат непријатни прашања. Има ли денес доволно храброст на сцената?

Димитар: Мислењата на темава се поделени во фелата. Последниов театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ напати ги начна овие теми, за храброста на театарот, за разликите на независната продукција и институционалната, која е похрабра, која е ваква или таква. И моето мислење е поделено, или се менува, не сум сигурен. Едно ми е јасно – многу лесно се расфрламе со зборот храброст во театар. Како храброста да е тесно дефинирана константа, па или ја има или ја нема. Ние прво треба да направиме разлика што е храброст, што е дрскост, кога е таа основана и кога е залудна. Кога е вистинска и оправдана, кога е паролашка и непотребна. За мене побитно е да се прашуваме постојано дали сме доволно вистински и искрени на сцената? И кон публиката, ама и кон себеси, кон професијата. И кога се прашуваме зошто некој проект, некоја улога не ни успеала, или не поминува, мислам дека во голем дел недостасува искреноста, чистината во пристапот. Дали се забавуваме, дали се провоцираме самите себеси, дали сме искрени. Е тука се појавува и храброста. Дали сме доволно храбри да бидеме искрени и чисти? Не велам дека не сме, има проекти каде се гледа таа искреност и потребата нешто да се каже, да се раскаже, да се експериментира, да се истражува, и има проекти во кои се влегува колку да се оправдаат парите, или да се сработи програмата, или да се правиме важни… И тоа си е така, секогаш ќе има и вакви и такви претстави и тоа ги прави ваквите подобри од таквите. Инаку ќе биде досадно.

Трн: Што ти недостaсува во современиот македонски театар, а што те радува?

Димитар: Ми недостасуваат времињата кои и јас многу малку ги фатив, кога многу повеќе работеа вистински писмените и надарени луѓе, во услови кои не беа совршени, ама правеа претстави и улоги кои им беа битни прво ним самите, после на публиката. Кога луѓето не беа до олку озлобени и поделени на партиски кланови кои немаат никаква идеологија ниту вредност зад партиските симболи и паравани. Недостасува тоа искрено партнерство и поддршка меѓу творци кои неретко беа и ривали, ама ривали по творење. И кога секој си ја бркаше својата работа најдобро што знае и со иста цел – добра претстава. Недостигаат вистински вложувања во инфраструктурата на секој театар и дом на култура во Македонија. Недостасуваат кадри кои ќе си го предаваат знаењето едни на други, посебно на луѓе кои се вработуваат по театрите поради лична пасија за театар, а не поради тоа што не знаеле кај да ги пикнат. Многу работи недостасуваат, ама не е да се жалам до толку. Ова дека прашавте. Од друга страна тоа што радува е дека се појавуваат нови генерации кои не знам од која причина, носат во себе некоја ноншалантност и дрскост која не признава „жива сила“ и која носи некој свеж ветер на сцената, некоја леснотија и во бирањето на темите и во нивното презентирање, дури и во овие услови, со згради кои се распаѓаат и со вложувања кои не се доволни. И ме радува публиката, која ја има и како бројност и како став, и како поддршка.

Трн:  Дали публиката се менува? Каков театар бара денешната публика?

Димитар: Не мислам дека публиката се менува. Човекот е ист, само околностите се менуваат. Ако гледаме од бихејвиористички или психолошки аспект, човекот од кога сме свесни за човештвото го интересираат две-три основни работи. Публиката генерално сака да се препознава, или да се замислува, или да си поплаче, или да се насмее, или да се забавува, а ако може сите овие работи во едно. Начините и алатките со кои се постигнуваат овие работи може се малку сменети низ историјата, или еволуирани, не знам, ама односот театар – публика останува ист. Ние имаме потреба да се забавуваме (не само во буквална смисла на зборот) и публиката има потреба да се забавува (не само во буквална смисла на зборот).

Трн:  Во време на социјални мрежи и кратки видеа, како театарот успева да го задржи вниманието на луѓето два часа во темна сала?

Димитар: Е тоа да видиш. Не сум сигурен, ама мислам дека сите тие социјални мрежи и кратки видеа, целиот тој интернет и екранизираност, дигитализираност и сите тие гужви всушност работат во полза на театарот. Во целата таа конфузија од информации театарот станува егзотичен, како ретко овошје, како домашна кујна во време на фаст фуд. Башка, во денешно време, само театарот и музиката, и донекаде спортските настани, се единствените места каде што публиката и настапувачите имаат жив контакт, непосредна комуникација, размена на енергии. Сѐ останато е лижење шеќер преку стакло.

Трн:  Кој е најголемиот мит за актерската професија што би сакал да го разбиеш?

Димитар: Дека е уметност. И дека е уметност која ја можат само одбрани „уметнички души“. Прво, не се сложувам дека е уметност. Според мене само музиката е нешто што човекот го создава од ништо, од нула, претпоставувам со некоја божествена интервенција. Актерската работа е само нешто што постои околу нас, или во нас, и ние го повторуваме, го репродуцираме, го правиме по наше. И го може секој. Секое дете е роден актер, ги има сите чувства и реакции потребни за да се занимава со актерство, ама опкружувањето во текот на растењето му „крева“ рачни кочници кои го спречуваат да вози слободно. Актерската работа и градење во голем дел е спуштање рачни кочници кои намерно или ненамерно ни ги дигнале родителите, наставниците, комшиите, пријателите, а пред сѐ ние самите од различни причини. Колку повеќе рачни кочници спуштаме, толку подобри стануваме. Веројатно во сѐ, не само во актерство, ама јас за тоа имам учено, за тоа можам да кажувам.

Трн: Ако Војдан Чернодрински денес седнеше во публика, што мислиш дека би му се допаднало, а што би го загрижило?

Димитар: Мислам дека би му се допаднало што твориме во слободна Македонија, ослободена од стегите и притисоците на соседите, на османлиите, што сме се избориле да твориме на кодифициран македонски јазик, а не би му се допаднало што истата таа слобода не ја користиме доволно, не си го чуваме јазикот како што треба, не си го чуваме идентитетот. Наместо да си ја негуваме автентичноста, се губиме во следење на некои помодарски, плитки теми и идеи наложени од „хипстерите“ низ Европа. Не би му се допаднало тоа што не си ги цениме домашните писатели, не ги поставуваме доволно. Колку и да немаат добри, современи текстови (а не сметам дека е така, тоа е само некој погрешен наратив или алиби), ние бираме да поставуваме просечни текстови од просечни европски писатели, наместо да даваме шанса на домашните.

Трн: Често велиме дека театарот е огледало на општеството. Што гледаш во тоа огледало во Македонија во 2026 година?

Димитар: Тоа што гледаме сите, а некако се правиме дека не забележуваме. Како ни умира државата в раце. Театарот е огледало на млакоста која ја живееме. Стравот да ги поправиме работите. Или барем да пробаме. Има повремени изблици на некоја автентичност, нешто што има раб, ама никако тоа да се омасови, да стане видливо. Исто како и во општеството во кое живееме, писмените молчат, додека на неписмените им поминува сѐ. Веројатно зашто се подобро организирани.

Трн: Дали има тема за која чувствуваш дека македонскиот театар сè уште не зборува доволно гласно?

Димитар: Па не. Искрено не мислам дека треба да се форсираат одредени теми кои треба да се зборуваат погласно од другите. Тоа што треба да се каже, колку и да го закопуваме длабоко, што би рекол Шопов, самото ќе си излезе. А и театарот, колку и да не ни одговара нам, на театарџиите, не е толку гласен медиум. Не е толку масовен. Тоа не значи дека не треба да работиме како да е, ама сам по себе, театарот не ги менува општествените текови, само рамноправно учествува. Театарот повеќе е за наша самопомош, отколку за правење општо добро. И веројатно затоа е интересен за гледање.

Трн:  По ова признание, што е следниот предизвик? Постои ли улога што сè уште те прогонува и сакате да ја одиграте?

Димитар: Секоја наредна улога е следен предизвик. Едно време, имав конкретни улоги кои ме прогонуваа и сакав да ги одиграм, Хамлет и така натаму, ама во последно време некако сфаќам дека тоа се сите улоги кои ми се доделени. Сфаќам дека јас ја имам можноста моето гледање на работите, на Хамлет и така натаму, да го протнам во сѐ што играм. Да му дадам свој став, да му дадам нешто мое. Со улогите и со творењето тоа веројатно е и најважно, размената. Нешто земам од ликот, нешто давам од себе си и заедно стигнуваме до нешто автентично. Јас, писателот, ликот, колегите, публиката, универзумот. Сите заедно. Оти сите сме едно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс