Дигиталното издание на зборникот „Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“

Овој интердисциплинарен зборник истражува на кои начини родот и сексуалноста се појавуваат, се премолчуваат, но и се пробиваат во македонската култура – од народното творештво и етнографијата, преку книжевноста, до визуелните и изведувачките уметности, филмот и популарната култура

Oд денес е достапно дигиталното издание на зборникот „Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“ , чии уредници се Славчо Димитров и Мања Величковска. Коалиција Маргини.

Публикацијата сега е достапна бесплатно за читање и преземање.

Овој интердисциплинарен зборник истражува на кои начини родот и сексуалноста се појавуваат, се премолчуваат, но и се пробиваат во македонската култура – од народното творештво и етнографијата, преку книжевноста, до визуелните и изведувачките уметности, филмот и популарната култура.Книгата обединува нови текстови напишани специјално за ова издание, како и значајни студии кои повторно се враќаат во јавна и академска циркулација.

За првпат се објавуваат трудови на Ана Мартиноска, Инес Црвенковска-Ристеска, Калина Малеска, Јованка Попова, Славица Србиновска и Душица Лазова.Покрај овие нови текстови, зборникот вклучува и избор на претходно објавени студии и архивски материјали кои повторно се враќаат во академска и културна циркулација. Во овој дел се застапени трудови од Маја Бојаџиевска, Лени Фрчкоска, Ана Ашталковска Гајтаноска, Елизабета Баковска, Славчо Димитров и Биљана Тануровска-Ќулавковски, Сашо Александар Ламбевски, како и една архивска полемика приредена од Душица Димитровска Гајдоска.

„Уредувањето на оваа книга е обид да создадеме текстуално тело што истовремено ќе ги држи и ‘високата’ теорија и ‘ниската’ култура, и архивираното и усното, и фолклорот и клупското, и романескното и поп-рефенот, и етнографската белешка и перформансот – како доказ. Со тоа, зборникот не ги опишува само механизмите на послушност, туку ги собира и трагите на субверзија и амбивалентни постоења кои не можат да се ситуираат никаде, примерите што пробиваат низ моралот, ги контаминираат воспоставените модели и случајно (или намерно) кажуваат повеќе од дозволеното. Нивна заедничка сила е што сега, низ ова нивно обединување, создаваат контраархива, кога јавниот простор и јазик се поларизираат покажувајќи дека домашната култура отсекогаш била сложена, недовршена и полна со (не)послушни исклучоци.“ – велат Славчо Димитров и Мања Величковска.

Овој материјал беше подготвен во рамки на проектот Empowerment, Safety, and Resilience: Fostering unity and coalitions for gender equality and LGBTQI+ rights, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ, поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna; меѓутоа, изнесените ставови не нужно ги одразуваат официјалните политики на Фондацијата Kvinna till Kvinna.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни