Интернет просторот бележи алармантен пораст на дигитално генерирани содржини со сексуална злоупотреба на деца. Според податоците што британската организација „Интернет воч фаундејшн“ (IWF) ги објави денеска, во првата половина од 2026 година се идентификувани 6.310 слики создадени со вештачка интелигенција кои законски спаѓаат во категоријата сексуално насилство. Оваа бројка веќе го надминува вкупниот биланс од целата 2025 година, кога беа евидентирани нешто повеќе од 4.500 такви материјали.
Аналитичарите на организацијата со седиште во Велика Британија, која врши глобален мониторинг на ваквите содржини, регистрираа скок од 40 проценти во споредба со целата претходна година. Најголемиот дел од анализираните слики прикажуваат девојчиња и деца на возраст меѓу седум и 13 години. Организацијата забележува дека иако најновиот извештај опфаќа исклучиво фотографии, на интернет паралелно расте и бројот на видеоматеријали создадени со алатки за синтетизирање слика.
Овие показатели го засилија притисокот врз властите за воведување построги законски рамки за компаниите кои развиваат софтвер за вештачка интелигенција. Од организацијата наведуваат дека постојните мерки се недоволни за да го спречат генерирањето вакви содржини на комерцијалните платформи. Британскиот министер за вештачка интелигенција Канишка Нарајан соопшти дека сите опции за нови регулативи остануваат отворени, додека владата сè уште нема претставено конкретен законски предлог за технологијата.