Детето било пронајдено со лицето надолу во базен на дворно место, за време на прослава по повод Супер Боул. Прв повик до полицијата пристигнал околу 17:30 часот, откако мајката го забележала синот во водата. Роднини на лице место изведувале мерки за реанимација, пред пристигнувањето на итната помош.
Детето било пренесено во болницата „Мерси Гилберт”, каде докторот А. Тооси, во 18:20 часот, го прогласил за мртво. Полициски службеници на местото сведочеле дека детето покажувало знаци на живот и пред и по прогласувањето на смртта, вклучувајќи повеќекратно тешко дишење. Според извештајот, медицинска сестра во еден момент извикала „Имам пулс”, но лекарот продолжил со постапката.
Кога службеник го предупредил докторот за можен пулс, тој, според полицискиот извештај, „арогантно” одговорил дека тој е лекарот, дека завршил медицина и да му дозволат да си ја врши својата работа. Неколку медицински сестри ја напуштиле итната соба во солзи откако била прогласена смртта.
Речиси шест часа подоцна, околу 23:52 часот, транспортер од Канцеларијата на судскиот лекар на округот Марикопа пристигнал во болницата за да го преземе телото. Тогаш го затекнале детето како дише и има пулс. Веднаш бил пренесен со хеликоптер во детската болница во Финикс. МРИ тестот покажал оштетување на мозокот, а семејството вели дека ќе му треба доживотна нега.
Семејството планира правна тужба против лекарот и болничката мрежа „Диџнити Хелт”. Обвинителството во округот Марикопа, во меѓувреме, го разгледува случајот и можноста родителите да бидат обвинети за небрежност, откако истражителите пронашле силна миризба на марихуана во домот и отворени врати кои овозможиле детето да пристапи до базенот без надзор. Болницата „Мерси Гилберт” изјави дека спровела целосна проверка на сите аспекти на дадената нега, но не сакала да коментира дополнителни детали, повикувајќи се на приватноста на пациентот.