Дете прегазено во Бутел, жителите најавуваат протести и бараат поголема безбедност во сообраќајот

По сообраќајната несреќа во која во Бутел беше прегазено дете, жителите на Скопје најавуваат протести и бараат итни мерки од институциите за зголемување на безбедноста на пешаците и децата.


Во Бутел, кај населбата Радишани, вчера се случи сообраќајна несреќа во која било прегазено дете. Засега нема официјални информации за околностите на инцидентот, ниту за состојбата на детето. Според реакции на граѓани и објави на социјалните мрежи, инцидентот се случил во близина на автобуска станица, кога возило наводно се качило на тротоар и го удрило детето. Овие информации засега не се официјално потврдени.

По несреќата, жителите на населбите Бутел и Расадник најавија протести, изразувајќи незадоволство од безбедноста на сообраќајот во тој дел од Скопје. Тие бараат итни мерки за заштита на пешаците, особено во зоните каде што се движат деца. Во повиците за протест се истакнува дека надлежните институции мора да преземат конкретни чекори за спречување на несовесно возење и подобрување на сообраќајната инфраструктура. Меѓу пораките што ги споделуваат граѓаните се „Нашите деца не се статистика“ и „Забавете! Тука се нашите деца!“.

Организаторите најавуваат дека ќе продолжат со протестни собири сè додека не добијат реакција и конкретни мерки од надлежните институции, вклучувајќи ги Град Скопје, МВР и Општина Бутел. Официјални информации за несреќата и состојбата на детето се очекуваат од Министерството за внатрешни работи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс