Групата од 87 српски државјани депортирани на аеродромот во Тиват пристигнала два дена пред Самитот ЕУ – Западен Балкан со конкретен план: организирање „спонтани” собири за поддршка на претседателот Александар Вучиќ, кои пред меѓународните гости требало да изгледаат како израз на регионална наклоност кон белградската власт, пренесува Nova.rs.
Транспаренти, бакљади и два автобуси на чекање
Според изворите на Nova.rs, планот подразбирал нивно пojавување на неколку локации во Тиват и околината, истакнување транспаренти и организирање бакљади. Целта не била само да се испрати порака до домашната српска јавност, туку и пред меѓународните функционери на Самитот да се создаде слика дека Вучиќ ужива широка регионална поддршка. Кога групата слетала, на аеродромот ги чекале два автобуси. Полицијата на Црна Гора пронашла транспаренти со натпис „Србија победува” и уреди за комуникација, по што ги оценила патниците како безбедносен ризик и им забранила влез во земјата.
Нарачателите остануваат непознати
До денес не е разјаснето кој го организирал чартер летот на релацијата Белград – Тиват, кој го финансирал патувањето и за сметка на кого биле обезбедени автобусите. Тоа се клучните прашања на кои, според Nova.rs, сè уште нема одговор. Групата пристигнала точно два дена пред самитот, што изворите на порталот не го сметаат за случајност.
Сличен модел веќе применуван во регионот, вклучително и во Македонија
Изворите на Nova.rs тврдат дека идентичен модел на режирана поддршка бил користен и во некои градови во регионот, меѓу кои е спомната и Македонија, каде наводно биле организирани настани чија цел била да создадат впечаток на широка поддршка за белградската власт. Трн не располага со независна верификација на овие наводи за Македонија.
Дипломатска криза меѓу Белград и Подгорица
Инцидентот предизвика остра реакција во двете земји. Србија воведе реципрочни мерки и истата вечер врати 28 државjани на Црна Гора од белградскиот аеродром, меѓу кои и уредник на порталот Vijesti. Повеќе српски опозициски политичари побараа оставка на Вучиќ, додека BIA наводно го советувала претседателот да не патува во Црна Гора поради безбедносни ризици поврзани со криминалните досиеа на дел од депортираните патници.