Се запали депонијата „Краста“ кај Куманово, екипи ја затрупуваат со земја за да го изгаснат чадењето

Депонијата „Краста“ кај Куманово повторно се запали. Пожарникарите интервенирале, а екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ ја затрупуваат локацијата со земја за да го изгаснат чадењето.

Депонијата „Краста“ кај Куманово повторно се запали, откако синоќа избувнал пожар на локацијата, објави „360 степени“.

Кумановските пожарникари интервенирале вчера во периодот од 20:35 до 23:10 часот, со цел да го локализираат огнот. По интервенцијата, екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ со механизација се на терен и ја затрупуваат локацијата со земја, во обид целосно да се изгасне чадењето.

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, изјави дека екипите работат на затрупување на пожарот со земја, бидејќи на депонијата и понатаму има чадење.

Депонијата „Краста“ се наоѓа на регионалниот пат Куманово – Пчиња и во повеќе наврати досега била затрупувана за да се спречат нови потпалувања. Пред околу еден месец, исто така, избувна пожар на истата локација.

Жителите на селото Пчиња, кое е оддалечено само неколку километри од депонијата, претходно организираа блокади и бараа нејзино дислоцирање. Тие се жалеа дека од депонијата често се шири чад и непријатна миризба.

Томиќ минатиот месец изјави дека станува збор за долгогодишен проблем, кој според него е поврзан со присуство на подземни гасови, особено метан, што можат да предизвикаат самозапалување, особено при одредени временски услови.

Еколошката организација „Еко Пчиња“, пак, претходно обвини дека состојбата е резултат на „системски неуспех“ и побара трајно решение од надлежните институции.

Депонијата „Краста“ е дел од проект финансиран од Европската Унија, со кој е предвидено таа да стане претоварна станица каде што ќе се селектира отпадот од Куманово, а потоа ќе се носи до регионалната депонија во Свети Николе.

„Краста“ е во функција од 1958 година и опфаќа површина од 12,5 хектари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс