Денот ќе стане ноќ: Доаѓа едно од најдолгите затемнувања на Сонцето

Целосното затемнување на 2 август 2027 година ќе биде еден од најважните астрономски настани на векот

Целосното затемнување на Сонцето што ќе се случи на 2 август 2027 година се најавува како еден од најзначајните астрономски настани на овој век.

Феноменот ќе биде видлив од делови на Европа, Африка и Блискиот Исток, а на најповолната локација целосната темнина ќе трае дури шест минути и 23 секунди.

Станува збор за едно од најдолгите целосни затемнувања на Сонцето што ќе може да се набљудува од лесно достапно копно во 21 век.

Најдолгата фаза на целосна темнина се очекува во близина на египетскиот град Луксор, поради што Египет веќе се издвојува како една од најпосакуваните дестинации за набљудување на овој редок небесен спектакл.

Должината на затемнувањето е резултат на исклучително поволната положба на Земјата, Месечината и Сонцето.

Месечината тогаш ќе биде блиску до перигејот, односно до точката во која е најблиску до Земјата, па на небото ќе изгледа малку поголема.

Во исто време, Земјата ќе биде блиску до афелот, својата најоддалечена точка од Сонцето, поради што Сонцето ќе изгледа малку помало. Токму оваа комбинација ќе ѝ овозможи на Месечината подолго да го покрие сончевиот диск.

Каде ќе може да се види?

Патеката на целосното затемнување ќе биде широка околу 258 километри и ќе се протега од Атлантскиот Океан, преку Гибралтарскиот Теснец, до Индискиот Океан.

Целосното затемнување ќе може да се набљудува од јужна Шпанија, северно Мароко, Алжир, Тунис, Либија, Египет, Саудиска Арабија, Јемен и Сомалија.

Делумно затемнување ќе биде видливо на многу пошироко подрачје, вклучувајќи речиси цела Европа, Африка и Блискиот Исток.

За многумина тоа ќе биде можност да видат барем дел од овој феномен, иако највпечатливата глетка ќе биде во тесната зона каде Сонцето ќе биде целосно покриено.

За време на целосното затемнување, денот накратко преминува во самрак. Температурата опаѓа, сенките стануваат поостри, а на небото можат да се појават најсјајните ѕвезди и планети.

Во моментот кога Месечината целосно ќе го покрие Сонцето, видлива станува сончевата корона – надворешниот слој од атмосферата на Сонцето, кој се појавува како светол прстен околу темниот диск на Месечината.

Не гледајте директно во Сонцето

И покрај спектаклот, експертите предупредуваат дека безбедноста при набљудување е најважна.

Во Сонцето не смее да се гледа директно без специјални соларни филтри или очила наменети за набљудување затемнување.

Обичните очила за сонце не обезбедуваат доволна заштита. Набљудување со голо око е безбедно само за време на кратката фаза на целосна темнина, кога сончевиот диск е целосно покриен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс