Повеќе од 1,6 милиони избирачи денеска можат да излезат на гласање и да изберат градоначалници и општински советници во сите 212 општини во Словенија. Најголемо внимание привлекуваат изборите за градоначалник на Љубљана, каде што Зоран Јанковиќ се бори за седми последователен мандат. Сепак, по 20 години на чело на словенечката престолнина, овојпат би можел да се соочи со втор изборен круг. Негов противкандидат во него би требало да биде претседателот на партијата Левица, Лука Месец.
Најновата анкета на јавното мислење покажува дека за Јанковиќ би гласале 33,2 проценти од избирачите, додека поддршка за Месец изразиле 22,9 проценти, објави Словенечката новинска агенција (СТА). Покрај нив, на листата кандидати за градоначалник на главниот град се наоѓаат уште 12 имиња, меѓу кои и поранешниот словенечки премиер Антон Роп и поранешниот министер за финансии Клемен Боштјанчич.
И во Марибор се очекува втор изборен круг. Меѓу кандидатите се независниот Бор Грајнер и Матевж Франгеж, кого го поддржуваат Социјалдемократите, Листата на велосипедисти и пешаци и Левица.
Во Копер, анкетите даваат различни резултати. Последното истражување на агенцијата „Медијана“ покажува дека во вториот круг би се пласирале актуелниот градоначалник Алеш Бржан и кандидатот на листата „Копер е наш“, Ник Поповиќ, син на Борис Поповиќ, кој со години беше градоначалник на овој приморски град. Од друга страна, претходна анкета на „Нинамедија“ покажува дека Бржан би можел да победи уште во првиот круг.
Право на глас имаат повеќе од 1,6 милиони граѓани на Словенија. Овојпат, меѓутоа, има важна промена: државјаните на земји надвор од Европската Унија кои имаат постојан престој во Словенија нема да имаат избирачко право. Ова се деветтите локални избори од осамостојувањето на Словенија. Граѓаните имаа можност да гласаат и пред изборниот ден, од вторник до четврток.
