Денешниот датум 28 мај е меѓународен ден на менструалната хигиена. Овој датум е одбран поради симболиката на 28 дена циклус и пет дена менструација.
По повод овој дена од Мрежа Стела потсетуваат дека пристапот до менструални производи, информации, безбедни и достоинствени услови не треба да биде привилегија, туку основно право.
„Сè уште постојат девојки и жени кои пропуштаат училиште и работа и кои чувствуваат срам дека ќе им „протече“, но и кои растат без соодветна едукација за менструалното здравје – само поради стигмата и молкот околу оваа тема. Токму затоа од Период Скопје изминативе години редовно спроведуваат активности низ целата земја за едукација и кревање на свеста околу менструалното здравје и правда, а и постојано застапуваат за намалување на менструалната сиромаштија и менување на штетните практики.
Да зборуваме гласно и отворено за менструација, без срам и стигма“ велат од Мрежа Стела.
Оттаму додаваат дека според истражувањето „Менструална правда – пристап до менструална хигиена во Македонија“ секоја трета жена или девојка барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира. Според истото истражување 77% од испитаничките трошат помеѓу 100 и 400 денари месечно за производи за менструална хигиена, додека 71% користат и лекарства против менструална болка.