Истражување: Осум од десет Македонци не би ги продале своите политички убедувања за пари

Иако голем дел од граѓаните не би ги компромитирале своите политички ставови за финансиска корист, новото европско истражување покажува дека говорот на омраза е речиси секојдневна појава во македонскиот онлајн политички простор. Наодите се дел од проектот ENCODE, спроведен во шест европски земји.

Дури 80 проценти од граѓаните во Северна Македонија би одбиле паричен надомест за да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања, покажуваат резултатите од европскиот истражувачки проект ENCODE. Според истражувањето, ова е еден од највисоките проценти на демократска отпорност меѓу земјите опфатени со анализата.

Наодите беа презентирани во Скопје на настан организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во рамки на двегодишниот проект што ги анализира политичките ставови, демократските вредности и улогата на емоциите во современите демократии.

Истражувањето опфатило шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Северна Македонија. Бихејвиоралниот експеримент за демократска отпорност бил спроведен врз 4.550 испитаници, од кои 581 во Северна Македонија, анкетирани во пресрет на локалните избори во 2025 година.

Според резултатите, Северна Македонија со 80 проценти одбивање е пред Италија (79%), Австрија (78%) и Данска (77%). Дополнително, 78 проценти од македонските испитаници изјавиле дека не би прифатиле парична компензација за да се откажат од своето право на глас на избори.

Истражувачите посочуваат и интересен јаз меѓу реалноста и перцепцијата. Иако 80 проценти од испитаниците одбиле да ги компромитираат своите политички убедувања, тие процениле дека само 49 проценти од нивните сограѓани би постапиле исто. Овој податок укажува дека граѓаните значително ги потценуваат демократските вредности кај другите.

Паралелно со овие наоди, анализата на политичката комуникација на социјалните мрежи открива многу поинаква слика. Истражувањето на повеќе од 120.000 објави и коментари на платформата X во Северна Македонија покажало дека 98 проценти од коментарите насочени кон политичари содржат елементи на омраза, додека кај 82 проценти се забележани показатели на гнев.

Анализата покажува дека негативната реторика не е ограничена само на изборните кампањи, туку е присутна во текот на целата година. Истовремено, стравот и анксиозноста генерираат најголем број реакции на политичките содржини, додека позитивните и конструктивни пораки создаваат постабилен и подолгорочен досег кај публиката.

Проектот ENCODE вклучува и дополнителни истражувања за влијанието на емоциите врз политичкото однесување, комбинирајќи социолошки анализи, бихејвиорални експерименти и биометриски мерења на реакциите на граѓаните на различни политички пораки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс