Во време на глобални кризи, војни, отуѓување и растечки консумеризам, академскиот уметник Милан Андов преку новата изложба „Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“ отвора длабоко вознемирувачки, но исклучително актуелен дијалог за состојбата на современиот човек.
Изложбата ќе биде отворена на 28 мај во 20 часот во мултимедијалниот центар Мала станица, а ќе трае до 28 јуни 2026 година.

Поставката го истражува распаѓањето на човековото тело и идентитет, внатрешниот немир, стравот и духовната дехуманизација што сè почесто стануваат одраз на современото општество. Во фокусот на Андов е човечката фигура, деформирана, раскината, оттурната во празен и недефиниран простор, како симбол на колективната и личната агонија.
Кураторката Александра Зиновски-Вилиќ посочува дека темата на дехуманизацијата е присутна во творештвото на Андов повеќе од две децении, при што авторот „брутално искрено“ ја разобличува негрижата кон човекот и општеството.
„Телото, како резултат на немирот, го губи својот нормален изглед и се трансформира во една човеколика форма која кај набљудувачот предизвикува измешани емоции“, наведува кураторката.

Преку експресивни потези, нагласена мускулатура и дисторзирани ликови со стаклест поглед, Андов создава визуелен свет што истовремено плаши и повикува на преиспитување. Неговите дела се критика на современото општество кое, според изложбата, станува сè поиндиферентно кон човековото достоинство, емпатијата и хуманоста.
На отворањето ќе присуствува директорот на Националната галерија Али Синани, додека изложбата официјално ќе ја отвори вишата кустоска Маја Крстевска.
Милан Андов е академски уметник роден во Скопје во 1974 година, добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои „Златен остен“ и наградата „Лазар Личеноски“. Неговите дела биле изложувани во Берлин, Лондон, Ереван и Абу Даби.