Дали сме пред прагот на епидемија? СЗО прогласи глобална здравствена вонредна состојба поради ебола

Светската здравствена организација прогласи глобална здравствена вонредна состојба поради еболата во Демократска Република Конго и Уганда. Се стравува од многу поголемо ширење на вирусот.

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална здравствена вонредна состојба поради новото ширење на ебола во Демократска Република Конго и Уганда, предупредувајќи дека реалниот број на заразени би можел да биде значително поголем од официјално регистрираниот. Одлуката ја донел генералниот директор на СЗО по консултации со властите во двете африкански држави, оценувајќи дека ситуацијата ги исполнува критериумите за „вонредна состојба од меѓународно значење“.

Сомнителни стотици случаи и десетици смртни случаи

Според последните податоци, во провинцијата Итури во Демократска Република Конго се регистрирани околу 246 сомнителни случаи и 80 сомнителни смртни случаи, додека осум случаи се лабораториски потврдени. Дополнително, потврдени случаи има и во главниот град на Уганда, Кампала, како и во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго.

СЗО предупредува дека во моментов постојат „значителни неизвесности“ околу вистинскиот број заразени лица и географското ширење на вирусот, а дел од епидемиолошките врски меѓу случаите сè уште не се целосно разјаснети.

Не е пандемија, но ризикот е сериозен

Иако организацијата ја прогласи ситуацијата за глобална здравствена вонредна состојба, сепак нагласи дека моментално не се исполнети критериумите за пандемија. Еболата е една од најсмртоносните вирусни болести во светот. Болеста првпат беше идентификувана во 1976 година, а според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), смртноста може да достигне и до 90 проценти.

Симптомите најчесто вклучуваат: висока температура, силна слабост, дијареја, повраќање и внатрешни и надворешни крварења во потешки случаи. Африканските центри за контрола и превенција на болести соопштија дека внимателно ја следат состојбата и работат со локалните власти и меѓународните партнери на брз и координиран одговор.

Главната цел е прекин на преносот на вирусот и спречување на негово ширење преку границите, особено поради мобилноста на населението и ограничените здравствени капацитети во делови од регионот.

Нов глобален тест за здравствените системи

Новата криза повторно ја отвора дебатата за подготвеноста на светот за брза реакција при опасни заразни болести. По искуството со ковид-пандемијата, меѓународните здравствени институции сега се обидуваат многу порано да реагираат на потенцијални закани. Сепак, експертите предупредуваат дека слабите здравствени системи, конфликтите и недовербата кон институциите во делови од Африка може сериозно да ја отежнат контролата на епидемијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс