Црна Гора направи нов чекор на патот кон Европската Унија, откако денеска на меѓувладината конференција во Луксембург привремено затвори уште две преговарачки поглавја. Станува збор за Поглавје 2 – Слободно движење на работници и Поглавје 28 – Заштита на потрошувачите и здравјето.
Европската комесарка за проширување Марта Кос оцени дека Црна Гора напредува со голема брзина во пристапниот процес и нагласи дека затворањето на овие две поглавја носи конкретни придобивки за граѓаните.
„Комисијата сака веќе следната недела да овозможи финансиски пакет за Црна Гора. Сега фокусот е на претстојните реформи и важно е сите политички актери да продолжат да придонесуваат кон нивното спроведување“, изјави Кос.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ порача дека земјата останува целосно посветена на европската интеграција и нагласи дека досега се затворени речиси половина од преговарачките поглавја.
„Црна Гора не доцни. Го исполнуваме тоа што го ветуваме и испорачуваме резултати. До крајот на годината ќе ги затвориме сите преостанати поглавја и ќе создадеме услови Црна Гора да стане 28-та членка на Европската Унија во 2028 година“, изјави Спајиќ.
Тој истакна дека секое затворено поглавје е доказ дека процесот на проширување функционира кога постојат политичка волја, реформи и посветеност.
Според Спајиќ, Поглавјето 2 ќе им овозможи на граѓаните слободно да работат и да ги остваруваат своите права низ Европа, додека Поглавјето 28 носи повисоки стандарди за заштита на потрошувачите, побезбедни производи и посилни механизми за контрола на пазарот. Со денешниот напредок, Црна Гора дополнително ја зацврстува позицијата како најнапреден кандидат за членство во Европската Унија меѓу земјите од Западен Балкан.