Цените на нафтата денеска забележаа значителен пад поради зголемените очекувања дека ситуацијата на Блискиот Исток би можела да се стабилизира и дека наскоро повторно ќе се отвори Ормутски Теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта.
Според информациите на Bloomberg, меѓу понеделникот и вторникот најмалку два големи танкери што не превезувале иранска нафта го напуштиле Персиски Залив, што се смета за прв сигнал за постепено нормализирање на поморскиот сообраќај.
Агенцијата наведува дека за првпат по една недела бил забележан транспорт на околу четири милиони барели несакнционирана сурова нафта низ теснецот. Поради тоа, цената на северноморската нафта „брент“ за јулска испорака падна за повеќе од три проценти и достигна 96,38 долари за барел.
Во исто време, американската нафта West Texas Intermediate поевтини за речиси четири проценти и се тргуваше по цена од 90,26 долари за барел. Пазарите внимателно ги следат случувањата поврзани со конфликтот меѓу САД и Иран, бидејќи секоја ескалација во регионот директно влијае врз глобалното снабдување со енергенси и цените на нафтата.