Cyborg Code Syndicate го одржа првиот AI настан во Скопје

Новата инженерска заедница се претстави пред ИТ професионалци со порака дека Македонија треба активно да учествува во AI трансформацијата.

Новата инженерска заедница Cyborg Code Syndicate, фокусирана на вештачка интелигенција, софтверско инженерство и open-source иновации, го одржа своето прво претставување пред ИТ заедницата во Скопје.

Настанот, насловен „Engineering the AI-Driven Future“, се одржа во „Лабораториум“, а на него присуствуваа околу 100 искусни професионалци од ИТ секторот, меѓу кои архитекти, tech leads, AI инженери и експерти од повеќе компании.

Иако станува збор за приватен настан, темата што ја отвори заедницата има пошироко значење: вештачката интелигенција веќе не е далечна технологија резервирана само за глобалните компании, туку станува дел од секојдневната работа, бизнисот и инженерството.

Основачот Виктор Сушелски посочи дека целта на Cyborg Code Syndicate е да помогне локалниот и глобалниот пазар полесно да ја разберат AI трансформацијата, да останат во чекор со трендовите и попрактично да ја користат технологијата во секојдневната работа.

„Сакаме да го подигнеме нивото на знаење на пазарот и да помогнеме AI да се користи попрактично и поефикасно. Но истовремено сакаме и да создадеме нешто големо од овој регион – модерни и корисни решенија што ќе имаат глобална вредност“, изјави Сушелски.

Заедницата се позиционира како иницијатива што делува од Македонија, но со интернационален поглед и амбиција. Нејзиниот фокус не е само следење на AI трендовите, туку нивна практична примена преку решенија што се одржливи, применливи и релевантни за реални проблеми.

На настанот беа претставени и проектите ROA и Pandora, како дел од пошироката визија за модерно софтверско инженерство во ерата на вештачката интелигенција. Заедницата најавува дека веќе развива сопствени софтверски решенија наменети за ИТ компании и искусни професионалци.

Со првиот настан во Скопје, Cyborg Code Syndicate испрати порака дека Македонија не треба само да ја следи AI револуцијата, туку и активно да учествува во нејзиното создавање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни