Над 12 илјади граѓани се јавиле во ЦУК по вчерашното невреме

Според билансот на МВР, невремето предизвика 189 паднати дрвја, 117 оштетени возила.
Фото: ЦУК

Центарот за управување со кризи (ЦУК) примил повеќе од 12.000 повици за помош откако силно невреме во вторникот го зафати Скопје и предизвика голема материјална штета. Директорот на ЦУК, Мухамед Али, изјави дека секоја пријава била примена и проследена до надлежна институција, а телефоните продолжиле да ѕвонат и следниот ден, додека екипите работеле на расчистување на последиците.

Според претходното соопштение на ЦУК, само преку единствениот број за итни случаи 112, по 17 часот биле примени повеќе од 9.000 повици. Најголем дел од пријавите се однесувале на паднати дрвја, оштетени возила и покриви, скинати електрични кабли, паднати бандери и блокирани улици.

Али информира дека итните служби, комуналните претпријатија и екипите на „Паркови и зеленило“ биле постојано на терен. Интервенции имало во речиси сите скопски општини, а расчистувањето продолжило и во текот на следниот ден.

Според билансот на Министерството за внатрешни работи, до 22 часот во Скопје биле евидентирани 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори и пет пожари.

Од Министерствто за здравство, пак, денес соопштија дека по невремето медицинска помош побарале 33 лица и кажаа дека нема ниту една жртва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс