Во вчерашното силно невреме во Скопје, вкупно 33 луѓе, од кои неколкумина со тешки повреди, биле примени во болниците, информираше Министерството за здравство. Иако бројот на повредени е значителен, здравствените власти велат дека сите се во стабилна состојба и никој не загинал.
Во ПЗУ „Св. Наум Охридски“ помош побарале 22 повредени. Двајца од нив останале на болничко лекување.
Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, биле примени 11 луѓе. Тројца од нив имале скршеници. Здравствените власти велат дека сите повредени се во стабилна состојба.
Невремето ја оштети старата кровна конструкција на скопската болница „8 Септември“, но тоа не предизвикало прекин во работата. Поголема штета е забележана на покривот на Клиничката болница во Штип, каде биле погодени Одделот за ортопедија и ортопедската сала. Пациентите од тие одделенија биле преместени на други оддели.
До санирањето на штетата во Штип, пациентите со скршеници од Источниот регион привремено се упатуваат кон други медицински центри, за да добијат третман без одлагање.
Во круговите на сите засегнати болници има паднати дрвја. Осигурителните компании веќе работат на проценка на штетата, а потоа следи обнова на кровните конструкции, со цел непречено функционирање на здравствените установи, соопштија од Министерството за здравство.