Цинк или витамин Ц: Што е поважно за имунитетот?

И двата нутриенти имаат важна улога во функционирањето на имунолошкиот систем, но дел од истражувањата покажуваат дека цинкот може да биде поефикасен кога настинката веќе започнала. Сепак, нутриционистите предупредуваат дека ниту едниот не е „магично“ решение.

Со почетокот на сезоната на настинки повторно се враќа старата дилема: витамин Ц или цинк?

Двата нутриенти се важни за нормалното функционирање на имунолошкиот систем, но имаат различни улоги во организмот. Според нутриционистите со кои разговарал EatingWell, нема добра причина едниот целосно да се стави пред другиот. На организмот му се потребни и двата.

Сепак, кога станува збор конкретно за обичната настинка, достапните истражувања укажуваат дека цинкот може да има нешто поизразен ефект врз траењето на симптомите.

Што прави цинкот?

Цинкот е минерал што му е потребен на организмот во мали количества, но има важна улога во развојот и функционирањето на имуните клетки.

Тој учествува во процесите со кои организмот ги препознава и реагира на вируси и бактерии, а има улога и во зараснувањето на раните и клеточната комуникација. Недоволниот внес на цинк може да го наруши нормалниот имунолошки одговор и да ја зголеми подложноста на инфекции.

Цинкот природно се наоѓа во морски плодови, говедско месо, овес, семки од тиква и збогатени житарици.

Кај луѓето кои јадат исклучиво или претежно растителна храна, апсорпцијата може да биде пониска поради фитатите во растителните намирници, па во одредени случаи може да биде потребно дополнително внимание на внесот.

А што прави витаминот Ц?

Витаминот Ц е антиоксиданс и учествува во заштитата на клетките од оштетување.

Тој го поддржува функционирањето на белите крвни клетки, а придонесува и за одржување на здрава кожа, која претставува една од физичките бариери на организмот против микроорганизмите.

Организмот не може сам да го создава витаминот Ц, па мора редовно да го внесуваме преку исхраната. Добри извори се црвената пиперка, цитрусните плодови, кивито и голем број други овошја и зеленчуци.

За повеќето возрасни препорачаниот дневен внес се движи приближно меѓу 75 и 120 милиграми, зависно од возраста и други фактори.

Кој е подобар кога ќе настинете?

Одговорот е малку покомплициран.

Ниту витаминот Ц ниту цинкот не можат сигурно да спречат настинка. Но дел од истражувањата покажуваат дека цинкот, особено ако се земе рано по појавата на симптомите, може да го скрати нивното траење.

Според податоците што ги наведуваат нутриционистите во текстот, пастили или спрејови со цинк земени на почетокот на настинката во некои студии го скратиле траењето на симптомите за околу 2,4 дена.

Кај витаминот Ц ефектот обично е поскромен. Редовното земање во текот на сезоната на настинки било поврзано со скратување на болеста за приближно половина до еден ден кај дел од луѓето.

Тоа, сепак, не значи дека треба автоматски да се земаат високи дози.

Повеќе не значи и подобро

Особено кај суплементите лесно е да се создаде впечаток дека поголема доза значи и поголема заштита.

Кај витаминот Ц тоа не функционира така. Бидејќи е растворлив во вода, организмот го исфрла најголемиот дел од непотребниот вишок преку урината.

И кај цинкот прекумерниот внес може да предизвика проблеми, па суплементите не треба да се земаат неконтролирано или долгорочно без причина.

Нутриционистите затоа препорачуваат потребите првенствено да се задоволуваат преку разновидна исхрана, а додатоците да се користат кога постои реален недостаток или препорака од здравствен професионалец.

Имунитетот не зависи од една таблета

Цинкот и витаминот Ц се само два делови од многу поголем систем.

Разновидна исхрана со овошје, зеленчук, интегрални житарки и доволно протеини му обезбедува на организмот низа нутриенти кои работат заедно.

Во текстот се посочува и значењето на ферментираната храна како јогурт и кефир, адекватната хидратација и внесот на други важни нутриенти како витамин Д, витамин Б12 и железо.

Најкраткиот одговор на дилемата „цинк или витамин Ц“ затоа е: и двата.

Но ако прашањето е кој има повеќе докази за скратување на веќе започната настинка, цинкот во моментов има нешто посилна поддршка во истражувањата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс