Времето во земјава од утре потпаѓа под влијание на изразена циклонска активност што ќе донесе нестабилност, обилни врнежи од дожд и пад на температурите, информираат метеоролозите. По релативно топлото време денеска со максимални 27 степени во Скопје, од утре следува променливо облачно време со локален пороен дожд, засилен ветер и ретки грмежи, додека на повисоките планини во почетокот на следната недела дождот ќе премине во снег.
Денешниот ден започна со свежо утро и големи температурни разлики низ мерните станици во државата. Најниската утринска температура се спушти под нулата во Берово, каде што беа измерени -0,1 степени Целзиусови, додека во Тополчани минималната вредност достигна 11,6 степени.
До 11 часот претпладне, температурите бележеа брз раст под влијание на сончевото време. На мерната станица во Гевгелија живата во термометарот се искачи на 21,4 степени, во Кавадарци беа измерени 20, а во Берово 19,8 степени. На Зајчев Рид во Скопје во 11 часот беа регистрирани 18,8 степени.
Метеоролозите најавуваат пресврт на временските прилики од петок до средината на следната седмица. Циклонот ќе донесе нестабилна воздушна маса со локални врнежи што на одредени места ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Најинтензивни процеси се очекуваат во недела, кога врнежите локално ќе бидат во форма на невреме со пороен дожд, електрични празнења и засилен јужен ветер. Дневните температури постепено ќе опаѓаат, движејќи се во интервал од 18 до 24 степени кон крајот на викендот.
Влошувањето на времето ќе кулминира во вторник со продор на постудена воздушна маса од север. Овој пад на температурата ќе предизвика дождот на некои од повисоките планински масиви да премине во врнежи од снег.
Во понеделник и вторник ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, но ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, кој ќе биде најизразен долж долината на Повардарието.