Чума во Сибир, карантин и 200 контакти: Зошто случајот во Иркутск ја загрижи Европа?

Една лаборантка почина, околу 200 луѓе се под медицински надзор, а руските власти сè уште не ја потврдиле дијагнозата. Експертите велат дека ризикот за Европа е многу мал, но случајот повторно ги отвора прашањата за безбедноста во лабораториите.

Смртта на 28-годишна лаборантка од Институтот за контрола на чумата во Иркутск предизвика тревога во Русија и пошироко. Руските медиуми пишуваат дека станува збор за белодробна чума, најопасната форма на болеста која во средниот век десеткувала голем дел од европското население. Официјалните власти, сепак, засега зборуваат само за „особено опасна инфекција“.

Што се случи во Иркутск

Според руските независни медиуми, младата лаборантка кон крајот на септември во лабораторијата скршила епрувета со бактеријата на чумата, по што набргу ѝ се влошила состојбата. Таа била хоспитализирана во болница во Шелехов, во близина на Иркутск, каде што била приклучена на респираторна поддршка, но починала во ноќта меѓу 1 и 2 октомври. Лекарите првично се сомневале на тешка форма на ковид-19.

Постојат и спротивставени информации за тоа каде престојувала пред да се разболи. Дел од медиумите објавија дека жената се вратила од службено патување во Бурјатија, каде што постојат природни жаришта на чума, додека други наведуваат дека пристигнала од Тајланд. Гувернерот на Бурјатија првично објави дека жената починала од чума, но дека не престојувала во неговата република, а потоа ја измени објавата и наведе дека „можеби“ починала од чума.

Болницата во Шелехов е ставена под карантин. Околу 200 лица кои биле во контакт со починатата се изолирани и се под медицински надзор. Гувернерот на Иркутската област, Игор Кобзев, изјави дека контактите немаат симптоми и дека лабораториските анализи кај нив се негативни.

Во Русија не е регистриран случај на чума кај човек од 2016 година, кога десетгодишно момче на Алтај се заразило додека дерело мармот.

Што е чумата

Чумата ја предизвикува бактеријата Yersinia pestis. Таа природно циркулира меѓу глодарите, како што се стаорците, верверичките и мармотите, како и меѓу болвите што ги паразитираат. Болеста и денес постои во таканаречени природни жаришта во делови од Централна Азија, Монголија, Африка и Америка.

Постојат три главни форми на чума:

Бубонска чума – најчестата форма. Човекот најчесто се заразува преку каснување од заразена болва. Бактеријата навлегува во лимфните јазли, кои отекуваат и стануваат болни. Токму овие отоци се нарекуваат „бубони“, по што болеста го добила името.

Септикемична чума – се јавува кога бактеријата навлегува директно во крвотокот.

Белодробна чума – најретката и најопасната форма. Ги зафаќа белите дробови и е единствената форма на чума која може директно да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки.

Како се шири белодробната чума

Белодробната чума не се шири на ист начин како грипот или ковид-19. За преносот обично е потребен близок контакт со заразено лице кое кашла, особено при подолг престој во непосредна близина. Затоа најизложени се членовите на семејството и здравствените работници, а не случајните минувачи на улица.

Инкубацијата е кратка, најчесто од еден до седум дена, а вообичаено симптомите се појавуваат во рок од еден до три дена. Болеста може да започне нагло, со висока температура, треска, главоболка, отежнато дишење, болка во градите и искашлување крв.

Дали се лекува?

Да, доколку се реагира навреме. Чумата се лекува со антибиотици, меѓу кои се користат стрептомицин, гентамицин, доксициклин или ципрофлоксацин, зависно од клиничката состојба и медицинските протоколи. Кај белодробната форма времето е особено важно, бидејќи без навремена терапија болеста може многу брзо да стане смртоносна.

Луѓето кои биле во близок контакт со заразено лице може да добијат превентивна антибиотска терапија. Затоа брзото изолирање на околу 200 луѓе во Иркутск претставува стандардна превентивна мерка, а не причина за паника. За лица кои работат со живи култури на бактеријата постојат и специфични превентивни мерки, вклучително и вакцинација во одредени ризични услови.

Епидемиите што го менуваа светот

Чумата е една од најсмртоносните заразни болести во човечката историја.

Јустинијановата чума почнала во 541 година и го погодила Византиското Царство, а потоа се враќала во повеќе бранови речиси два века.

Црната смрт (1347–1351) го опустошила европскиот континент. Според различни проценки, починале меѓу една третина и половина од населението на Европа – десетици милиони луѓе.

Третата пандемија започнала во Кина во средината на 19 век и преку пристаништата се проширила во различни делови од светот. Во 1894 година, во Хонгконг, лекарот Александар Јерсен ја идентификувал бактеријата што подоцна го добила неговото име.

Манџуриската епидемија од 1910–1911 година е една од најпознатите епидемии на белодробна чума. Однела околу 60.000 животи, особено во регионот на денешна североисточна Кина, во близина на границата со Русија.

Чумата оставила трага и во македонската историја. Австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје во 1689 година, а еден од факторите што се поврзуваат со одлуката бил и стравот од ширење на епидемија во градот. Самиот Пиколомини починал од чума само неколку недели подоцна во Призрен.

Денес случаи на чума најчесто се регистрираат во Мадагаскар, Демократска Република Конго и Перу. Во 2017 година Мадагаскар се соочи со голема епидемија со повеќе од 2.400 пријавени случаи, од кои значителен дел биле белодробни, и повеќе од 200 смртни случаи. И во САД секоја година се регистрираат поединечни случаи, главно во руралните западни сојузни држави.

Колкав е ризикот за Европа?

Ризикот за Европа се смета за многу мал, и тоа од неколку причини: Станува збор за изолиран случај кој, според досегашните информации, најверојатно настанал во лабораториски услови, а не преку природно жариште. Контактите се изолирани и ставени под медицински надзор, а според властите засега немаат симптоми и тестовите им се негативни. Белодробната чума бара близок контакт за пренос и не се шири на големи растојанија преку воздухот. Инкубацискиот период е краток, што овозможува потенцијалните нови случаи релативно брзо да бидат откриени.

Болеста може да се лекува со антибиотици, а европските здравствени системи имаат протоколи за постапување при сомнителни случаи.

Иркутск е оддалечен повеќе од 6.000 километри од Скопје. Самата географска оддалеченост не е главниот фактор за проценка на ризикот, но со оглед на краткиот инкубациски период и потребата од близок контакт за пренос, сценариото за незабележано ширење на инфекцијата до Балканот е крајно малку веројатно.

Вистинското прашање: безбедноста во лабораториите

Поголемата загриженост не е самата болест, туку начинот на кој, според досегашните информации, се случил инцидентот. Доколку се потврди дека лаборантката се заразила при работа, случајот отвора сериозни прашања за безбедносните стандарди во институциите кои работат со опасни патогени, но и за транспарентноста на руските власти.

Особено внимание привлекува фактот што, неколку дена по смртта, официјалните институции сè уште не ја именувале конкретната инфекција, додека различни руски медиуми веќе објавуваат дека станува збор за белодробна чума. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) ја следи ситуацијата. Засега нема пријавени секундарни случаи ниту докази за одржливо пренесување на инфекцијата од човек на човек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс