Општината обнови две детски игралишта, но предупредува дека оштетувањето на урбаната опрема станува сè почест проблем, особено во вечерните часови.
Општина Центар побара засилено присуство на МВР на терен, особено во вечерните часови, поради зачестени случаи на вандализам и оштетување на детските игралишта.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека општината ги обновила детските игралишта кај „Зебра“ во Капиштец и кај КАМ маркет во Дебар Маало. Дотраените и оштетени реквизити се заменети со нови, со цел да се обезбедат побезбедни и поквалитетни услови за игра и рекреација на децата.
Герасимовски упати апел до граѓаните да ја чуваат урбаната опрема, нагласувајќи дека јавниот простор е заедничка одговорност.
„На барање на жителите побаравме засилено присуство на МВР на терен, особено во вечерните часови, кога има појава на вандализам и оштетување на детските игралишта. Во општината има околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Даваме сè од себе да ги одржуваме и унапредуваме, но за жал често се соочуваме со нивно оштетување, поради што повторно вложуваме средства за санација“, порача Герасимовски.
Тој додаде дека Општина Центар иницирала измени на повеќе закони со цел поефикасно справување со девијантното однесување кај младите, меѓу кои и воведување општокорисна работа за малолетните вандали и нивните родители.
За 2026 година, според Герасимовски, Општина Центар има издвоено 12 милиони денари за обнова и реконструкција на детските и спортските игралишта на својата територија.