Расте бунтот против ФИФА, сојузите се закануваат со бојкот на Светското првенство

Кризата во светската фудбалска организација се продлабочува откако повеќе континентални конфедерации се спротивставија на плановите на раководството на ФИФА.

Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) официјално се приклучи кон УЕФА и КОНКАКАФ во отпорот против проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајс“ (ФФЕ), со што се создаде коалиција од 143 членки од вкупно 211. Овој број претставува сериозен политички притисок врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Спорот настана поради планот приватни инвеститори да добијат поголема улога во комерцијализацијата на најголемите натпреварувања на ФИФА преку нова компанија. Критичарите сметаат дека ваквиот потег може да значи губење на контролата врз највредните делови од светскиот фудбал.

УЕФА веќе предупреди дека е можен бојкот на Светското првенство, а со поддршката од АФЦ и КОНКАКАФ отпорот добива уште поголема тежина. Доколку коалицијата остане обединета, позицијата на Инфантино ќе биде сериозно загрозена.

Конфедерациите, освен за проектот ФФЕ, ја критикуваат ФИФА и поради недоволната транспарентност при носењето важни одлуки, вклучително и околу изборот на домаќини за идните светски првенства.

АФЦ порача дека демократијата во фудбалот не значи само гласање, туку и навремени консултации, отворена дискусија и промени во начинот на управување. Доколку ФИФА не ги повлече спорните предлози, заканите за бојкот би можеле да станат реалност.

Првите чекори на отпорот се најавуваат за следните женски младински натпреварувања, а поголем притисок се очекува во текот на квалификациите за Светското првенство. Кризата може да влијае и врз иднината на машкиот Мундијал во форматот што е познат денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс