Бразил убедливо прв во групата, Мароко со важна победа над Шкотска – познати новите позиции на СП

Бразил ја совлада селекцијата на Хаити со 3:0 и го презеде врвот во групата, додека Мароко славеше минимално против Шкотска и остана во борба за пласман во нокаут-фазата на Светското првенство.

Фудбалската репрезентација на Бразил стигна до убедлива победа од 3:0 против Хаити во второто коло од групата на Светското првенство, со што ја презеде водечката позиција на табелата. Двократен стрелец за Бразил беше Матеус Куња, кој погоди во 23. и 36. минута, додека третиот гол го постигна Винисиус Жуниор во судиското продолжение од првото полувреме.

Бразилците доминираа од самиот почеток, иако им беше поништен еден погодок поради офсајд. Хаити во второто полувреме успеа да заигра поангажирано, но не создаде сериозна закана пред голот на Алисон. Во истата група, Мароко ја совлада Шкотска со 1:0 во натпревар со интензивна борба и минимални шанси.

Единствениот погодок го постигна Исмаил Саибари уште во 2. минута, по што Мароко ја контролираше играта, додека Шкотска во финишот не успеа да го пронајде израмнувањето и покрај неколку обиди. По овие резултати, Бразил и Мароко имаат по четири бодови, додека Шкотска останува со три, а Хаити е без освоен бод.

Во последното коло, Бразил ќе се соочи со Шкотска, а Мароко ќе игра против Хаити, во натпревари кои ќе го одлучат конечниот расплет во групата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс