Браќата Тејт во притвор во САД: нови детали за обвиненијата

Нови судски документи во САД откриваат детали за обвиненијата за силување и трговија со луѓе против Ендру и Тристан Тејт, кои се борат против екстрадиција во Велика Британија.

Нови судски документи објавени во САД откриваат дополнителни детали за обвиненијата за силување и трговија со луѓе против Ендру и Тристан Тејт, кои моментално се во притвор во Флорида.

Браќата се противат на барањето на Велика Британија за нивна екстрадиција. Тие вчера се појавиле пред федерален суд во Мајами, каде ги отфрлиле сите обвиненија, а нивните адвокати најавиле дека ќе се борат против израчувањето.

Според CNN, федералните документи содржат пријави што жени ги поднеле до британските власти, во кои се наведуваат сексуално и физичко злоставување, силување, давење и трговија со луѓе.

Нови детали во обвиненијата

Иако браќата Тејт и претходно се соочуваа со обвиненија за силување и трговија со луѓе во Велика Британија, нови точки во обвинението биле додадени по истрага на британската полиција за пријави од уште четири жени.

Вкупно, двајцата сега се соочуваат со 59 точки од обвинението.

Во документите против Ендру Тејт, обвинителите цитираат наводи на британските власти за две жртви. Според тие наводи, една жена која работела во webcam индустријата била нападната во нејзиниот дом во Бедфорд во 2015 година.

Друга жена навела дека во 2014 година имала доброволен однос со Ендру Тејт по запознавање преку апликација, но дека при подоцнежна средба во Манчестер тој наводно ја нападнал и ја притискал до степен да не може да дише. Во обвинението стои дека таа се плашела дека тој нема да запре.

Ендру Тејт се соочува со 42 точки

Ендру Тејт е обвинет за дополнителни седум силувања, три случаи на трговија со луѓе, три напади и 19 точки поврзани со „непримерни слики на дете и екстремна порнографија“.

Според податоците на британското обвинителство и полицијата, тој сега се соочува со вкупно 42 точки од обвинението.

Во документот против Тристан Тејт се наведува дека тој повеќепати силувал жена со која бил во врска од 2012 до 2013 година. Според обвинението, тој наводно ја давел до губење свест и физички ја малтретирал.

Тристан Тејт е обвинет за две нови точки за силување, еден сексуален напад и три точки за овозможување патување со цел искористување. Официјалните податоци покажуваат дека тој сега се соочува со вкупно 17 точки од обвинението.

Обвинителите тврдат дека британските истражители собрале изјави од сведоци, електронски пораки и фотографии што ги поддржуваат овие наводи. Браќата Тејт и претходно ја отфрлаа вината.

Зошто се уапсени во САД?

Браќата Тејт беа уапсени во Романија во 2022 година, каде се товарат за трговија со луѓе и водење криминална група за сексуално искористување жени.

Тогаш им беше забрането да ја напуштат земјата. Откако романските власти минатата година им ги укинале ограничувањата за патување, тие со приватен авион отпатувале на Флорида.

Нивниот адвокат Џозеф Мекбрајд изјавил дека браќата и понатаму се под мерки на претпазливост во Романија и дека секој месец патувале таму на судски рочишта.

Британското барање за екстрадиција се темели на истрага за кривични дела што ги пријавиле седум жени во источна Англија во периодот од 2010 до 2017 година.

Браќата Тејт, кои имаат двојно американско и британско државјанство, биле уапсени на 18 јули во Мајами, на пат кон боречки настан.

Адвокатите тврдат дека обвиненијата се политички мотивирани

Адвокатите на Ендру и Тристан Тејт побарале тие да бидат пуштени на слобода до завршување на постапката.

Мекбрајд изјавил дека обвиненијата се „политички мотивирани“ и јавно побарал интервенција од администрацијата на Доналд Трамп.

Властите на Флорида, пак, покренале и сопствена кривична истрага против браќата.

Дани Пинтер од Националниот центар за сексуално искористување, кој застапува една од жртвите од Романија, изјави дека се благодарни на американските и британските власти за решеноста да спроведат правда преку апсење и екстрадиција на лицата обвинети за трговија со луѓе.

Како ќе тече екстрадицијата?

САД и Велика Британија имаат договор за екстрадиција, кој предвидува меѓусебна предавање на лица барани за кривичен прогон.

Процесот бара сослушување пред американски судија, кој треба да утврди дали се исполнети условите од договорот. Конечната одлука ја носи американскиот државен секретар Марко Рубио, кој има овластување да одбие екстрадиција.

Министерството за правда соопштило дека апсењата биле извршени во согласност со договорите и законите.

Одбраната, пак, тврди дека британското барање за екстрадиција ги попречува правните постапки што браќата ги имаат на Флорида и во Романија.

Романските судови во 2024 година пресудиле дека браќата треба да бидат израчени во Велика Британија, но дури по завршување на постапката во Романија. Сепак, евентуален договор меѓу Велика Британија и Романија правно не ги обврзува САД.

Што следува?

Ендру и Тристан Тејт остануваат во притвор.

Судијата нагласил дека рочиштето во понеделникот не било кривична постапка и дека процесот за екстрадиција сè уште не е формално завршен.

Во следните недели, федерален судија треба да одлучи дали браќата ги исполнуваат условите за екстрадиција. Следните клучни чекори се одлуката за евентуална кауција и самото сослушување за израчување.

Правни експерти предупредуваат дека екстрадициите на јавни личности може да траат подолго, особено ако одбраната вложи значителни средства во правната битка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс