Booking осомничен дека ги мамел корисниците за поголема провизија

Италијанскиот регулатор отвори истрага против Booking.com поради сомнежи дека платформата истакнувала одредени сместувања за да обезбеди поголема провизија.

Италијанскиот регулатор покрена истрага за да утврди дали платформата Booking.com преку рангирањето и промоцијата на издавачите на сместување ги доведувала потрошувачите во заблуда, со цел да обезбеди поголема провизија за себе. Истрагата е насочена кон две програми на платформата, преку кои одредени издавачи добивале поголема видливост во резултатите од пребарувањето и биле дополнително истакнувани пред корисниците.

Станува збор за „Програмата за приоритетни партнери“ и „Програмата за приоритетни партнери плус“, кои им се нудат на издавачите во рамките на платформата. Според италијанскиот регулатор AGCM, Booking.com на издавачите вклучени во овие програми им овозможувал поголема видливост, графичко истакнување и дополнително нагласување на квалитетот на услугата и „вредноста за парите“.

Според оценката на регулаторот, изборот на издавачи за овие програми во голема мера се засновал на критериуми што ги фаворизираат оние кои плаќаат повисоки провизии на Booking.com, а не нужно на квалитетот на нивната понуда. На тој начин, потрошувачите можеле да бидат наведени да веруваат дека токму тие објекти нудат подобра вкупна вредност за парите во споредба со сместувањата што не се дел од програмата.

Регулаторот предупредува дека во одредени случаи ваквата практика можела да доведе до тоа корисниците да резервираат сместување кое е во просек поскапо. Во рамки на истрагата, службеници на AGCM, заедно со финансиската полиција, во вторникот извршиле претрес во просториите на Booking.com во Италија.

Задоволство од истрагата изрази и здружението на потрошувачи Codacons, кое порача дека корисниците на ваквите платформи имаат право на целосна транспарентност. Од таму предупредуваат дека истакнувањето на квалитетот, цената и корисничката услуга без објективни критериуми, а само заради повисока провизија, може да претставува измамлива практика што им нанесува финансиска штета на потрошувачите.

Codacons додава дека прашањето е уште посериозно ако се има предвид дека 70 отсто од хотелските резервации во Италија се прават преку специјализирани веб-страници, а 42 отсто од дигиталните резервации отпаѓаат на Booking.com.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни