Во Битола е конституиран Совет за женско претприемништво, тело кое има за цел да го поттикне економското зајакнување на жените и развојот на локалното претприемништво. За претседателка на Советот е избрана д-р Моника Марковска, експерт по менаџмент, додека за нејзина заменичка е именувана Павлина Василевска, дипломиран економист.
Новоформираното тело беше поздравено од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, како и од претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.
Коњановски истакна дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во охрабрување на младите жени да започнат сопствен бизнис и да останат да работат и живеат во градот.
„Вашите активности и собири се важен поттик за младите да се охрабрат да започнат сопствен бизнис и да останат во својот град, што за сите нас е најголем мотив“, рече градоначалникот.
Советот веќе утврди и програма за работа за 2026 година, со која се предвидуваат активности насочени кон развој на женското претприемништво, вмрежување и поддршка на локални иницијативи.