Биткоинот продолжува да паѓа

Експертите велат дека комбинацијата од економски и геополитички фактори ги тера инвеститорите да бидат претпазливи.

Вредноста на Биткоин денес падна за дури пет проценти, спуштајќи се под 65.000 долари. Овој остар пад следи веднаш по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување глобални царини од 15 проценти.

Интересно е што падот на криптовалутите се случува во време на раст на азиските акции, што покажува сè поголемо отстапување на дигиталната имовина од традиционалните берзи. Bitcoin е во опаѓачка траекторија од октомври минатата година, кога достигна историски максимум од над 125.000 долари. Од почетокот на годинава, водечката криптовалута загуби 26 проценти од својата вредност.

Влијание на царините и геополитичката криза

Експертите велат дека комбинацијата од економски и геополитички фактори ги тера инвеститорите да бидат претпазливи.

„Веруваме дека наглото зголемување на царинските стапки ги поттикнува инвеститорите на продажба на криптоимот во очекување на подлабок пад на пазарот“, изјави Џеф Меи, оперативен директор на глобалната блокчејн компанија BTSE.

Дополнително, глобалните безбедносни закани влијаат на пазарот. Инвеститорите се загрижени поради зголеменото присуство на американски војници околу Иран, што ја зголемува можноста за вооружен конфликт. Таквиот развој би можел да ја наруши глобалната трговија, особено откако претседателот најави одлука за евентуален напад во наредните десет дена.

Слаба ликвидност и алтернатива на златото

Маркус Тилен, раководител на истражувања во аналитичката компанија 10x Research, истакнува дека падот не е резултат само на една вест, туку одраз на слаба ликвидност и ниско доверие на инвеститорите.

Овој тренд одговара на типична фаза на „мечји пазар“, карактеризирана со мали обеми на тргување и неизвесност пред американските меѓуизбори. Тилен прогнозира можност за понатамошен пад до 50.000 долари пред пазарот да се стабилизира.

Во меѓувреме, побарувачката за сигурно засолниште доведе до пораст на цената на златото за повеќе од еден процент. Ова покажува остро разликување меѓу традиционалното злато и Bitcoin, кој често се нарекува „дигитално злато“.

Bitcoin успеа делумно да ја надокнади загубата, бележејќи пад од три проценти на 65.167 долари во текот на денот. Сличен пад се забележува и кај Ether, кој изгуби 3,9 проценти од вредноста и се тргува за 1.867 долари.

Четиригодишен циклус

Аналитичарите потсетуваат дека сегашниот пад не е изненадување ако се гледаат историските обрасци. Мaт Хоуган, директор за инвестиции во компанијата Bitwise, го припишува падот на „четиригодишниот циклус“ на криптопазарот.

Тој нагласува дека загубите не се резултат на еден настан, туку на пренасочување на капиталот кон злато и акции на компании кои се занимаваат со вештачка интелигенција, како и на долгорочна загриженост поради можните потези на Федералните резерви. Bitcoin на 5 февруари годинава достигна најниско ниво во повеќе од една година, паѓајќи на 63.119 долари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс