Двајца австриски јутјубери неовластено влегле на воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница и целата постапка ја снимиле и ја објавиле на социјалните мрежи. Видеото, објавено на каналот „Roofless TV“, за само неколку дена собра над половина милион прегледи, додека српското Министерство за одбрана и полицијата не одговараат како цивили успеале да се движат низ една од најважните воени локации во земјата.
Младите мажи, облечени во шорцеви и маици, според сопствените тврдења прво снимале авиони од непосредна близина надвор од комплексот, а потоа влегле во заградениот дел од воениот аеродром. Кадрите покажуваат како слободно се приближуваат до летала што повеќе не се во употреба, влегуваат во дел од нив, додека во еден момент снимаат и слетување на активен авион. За време на целиот престој на заштитеното подрачје, тие не сретнале ниту еден вработен или воено обезбедување.
Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата испратени од регионалните медиуми за тоа дали се запознаени со инцидентот и дали лицата имале каква било дозвола за снимање и пристап. Одговор нема ниту од управата на аеродромот, што отвора сериозни дилеми во јавноста за нивото на безбедносни протоколи во стратешките воени објекти.
Инцидентот предизвика остри политички реакции во Белград. Претседателот на партијата Србија центар, Здравко Понош, изјави дека јутјуберите се шетале низ базата како на пазар. Тој нагласи дека воениот врв и ресорното министерство го третираат инцидентот како виша сила за да не се наруши тековната кампања на владејачката партија, предупредувајќи дека институционалниот молк по ваков упад ја доведува во прашање подготвеноста на системот при потенцијални сериозни безбедносни закани.