Телеком со иницијатива за безбеден интернет: Насилството не смее да има публика

Со почетокот на учебната година стартува национална кампања на Телеком и МОН, со фокус на сведоците на врсничкото насилство и новата апликација Safe Family.

Македонски Телеком и Министерството за образование и наука започнаа национална иницијатива против врсничкото насилство и омразата во дигиталниот простор, насловена „Скрши го кругот на насилството. Не биди публика.“ Фокусот на иницијативата е насочен кон превенција на сајбер-булингот и улогата на сведоците што снимаат и споделуваат насилство. Кампањата беше промовирана во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје на првиот училишен ден, со најава за нови образовни стандарди и промоција на семејната безбедносна апликација Safe Family.

Во фокусот е улогата на сведоците – оние што гледаат, коментираат, снимаат или споделуваат, а со тоа, понекогаш и несвесно, му даваат дополнителна сила и публика на насилството. Пораката е едноставна: не биди публика – реагирај и помогни да се прекине кругот на насилството. Порака со која младите, но и родителите, наставниците и целата заедница се поттикнуваат да ја препознаат сопствената улога во неговото спречување.

„Веруваме дека технологијата треба да ги поврзува луѓето, а не да биде простор во кој насилството и омразата добиваат нова публика. Ова за нас не е само кампања, туку и долгорочна заложба. Преку партнерства, едукација, активно вклучување на младите и конкретни дигитални решенија сакаме да придонесеме за побезбедна средина за секое дете, онлајн и офлајн“, изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.

Министерството за образование и наука работи на создавање национални стандарди за училишта без насилство. Стандардите ќе воспостават единствена рамка и јасни критериуми за безбедна училишна средина, а ќе следува и едукација на наставниците, стручните служби и ученичките заедници за нивна примена во пракса.

„Како министерство спроведуваме бројни системски и проектни мерки за превенција и справување со врсничкото насилство. Но, предизвикот е голем и потребна е висока  општествена одговорност, вклученост и проактивност на сите – училиштата, семејствата, институциите, бизнис заедницата и општеството во целина. Важно е заедно да испратиме јасна порака дека насилството не смее да има публика“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.  

Истовремено, Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ, преку долгогодишното партнерство, продолжуваат да работат на создавање побезбеден дигитален простор за децата и младите. Преку националното младинско движење „Нет без хејт“, коешто го водат деца и млади од 13 градови низ Македонија, се развиваат иницијативи за врсничка поддршка, едукација на родители, детски правобранител во училиштата, младински дигитални содржини и прирачник за превенција. Активностите ќе се спроведуваат во училишта и заедници низ цела Македонија.

Како дел од пошироката заложба за побезбеден дигитален свет, Телеком креира технологија што придонесува за поголема заштита на децата. Новата апликација Safe Family е создадена за да им помогне на родителите и децата да останат поврзани и да се чувствуваат посигурно во секојдневието. Апликацијата континуирано ќе се надградува со нови функционалности за дополнителна сигурност и поддршка на семејствата.

Со сите овие активности и партнерства Телеком продолжува да работи на една заедничка цел – дигиталниот свет да биде простор за поврзување, учење и растење, а не простор за омраза и насилство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс