Без роаминг во ЕУ? Македонија ги почнува преговорите за укинување на дополнителните трошоци

Македонија влегува во преговори со ЕУ за приклучување кон системот „роаминг како дома“, што би овозможило користење мобилни услуги без дополнителни трошоци во земјите членки.


Македонија започнува преговори со Европската Унија за приклучување кон режимот „роаминг како дома“, со што македонските граѓани во иднина би можеле да користат мобилни повици, СМС-пораки и интернет во земјите од ЕУ без дополнителни трошоци.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека на 12 јуни министрите од земјите од Западен Балкан ќе одржат состанок со претставници на Европската комисија, каде ќе се разговара за следните чекори и условите за приклучување кон европскиот роаминг систем.

Иницијативата опфаќа шест земји од Западен Балкан и има за цел граѓаните од регионот да можат да ги користат мобилните услуги во ЕУ под исти услови како во својата матична земја. Истовремено, истите правила би важеле и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во земјите од регионот. Според Андоновски, секоја држава ќе преговара поединечно со Европската комисија, што значи дека напредокот ќе зависи од степенот на усогласување на националното законодавство со европските правила во областа на телекомуникациите. Тој очекува преговорите да завршат во текот на оваа година, а Македонија да биде меѓу првите земји од регионот што ќе го применат новиот режим, можеби веќе од почетокот на 2027 година.

Од Министерството посочуваат дека најголемиот дел од потребните законски измени и регулаторни подготовки веќе се завршени. Иницијативата е дел од поширокиот процес на постепена интеграција на Западен Балкан во единствениот европски пазар и треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните уште пред полноправното членство во Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс