Белгискиот парламент усвои контроверзен закон со кој полицијата добива овластување да влегува во домовите на мигранти без документи кои добиле наредба да ја напуштат земјата. Мерката е дел од поширокиот пакет на десничарската коалициска влада на премиерот Барт де Вевер, чија цел е ограничување на миграцијата и забрзување на протерувањето на лицата чии барања за престој биле одбиени, пренесува „Ројтерс“.
Организациите за човекови права и адвокатите остро се спротивставуваат на законот. Тие сметаат дека овозможувањето полициски влез во приватни домови за потребите на имиграциската контрола ги нарушува уставните права и законите за заштита на приватноста.
Поради новата мерка, во средата вечерта беа организирани протести. Околу 3.000 луѓе формираа жив синџир околу Палатата на правдата во Брисел, а според белгиските медиуми, низ земјата биле одржани повеќе од 50 протестни собири.
Кога полицијата ќе смее да врши претреси?
Пратеничкото мнозинство го усвои законот по целоноќна расправа, околу пет часот наутро по локално време. Претресите ќе бидат ограничени на домовите на лицата чии барања за азил во Белгија биле одбиени, кои не ја испочитувале наредбата за напуштање на земјата и за кои постои процена дека претставуваат закана за јавната безбедност.
За секој претрес ќе биде потребно одобрение од истражен судија. Акциите ќе смеат да се спроведуваат исклучиво наутро, во периодот од 5 до 9 часот, а задолжително ќе треба да присуствуваат и службеници од имиграциските служби. Пред гласањето, „Амнести интернешнл“ ги повика пратениците да го отфрлат законот. Од организацијата предупредија дека мерката може да ги опфати и луѓето кои им помагаат на мигрантите без документи.
Владата, од друга страна, ја брани одлуката и тврди дека законот е неопходна алатка за спроведување на депортациите на лицата кои се сметаат за опасност за јавниот ред или националната безбедност.
