Пуштен во употреба новиот затворен базен во Карпош

Новиот затворен базен кај спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во Карпош е пуштен во употреба и ќе биде предаден на Општина Карпош.

Новиот затворен базен кај спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во Карпош денеска официјално беше пуштен во употреба.

На отворањето присуствуваа министерот за спорт Борко Ристовски, премиерот Христијан Мицкоски и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски.

Станува збор за затворен базен со должина од 25 метри и ширина од 9 метри, кој по пуштањето во употреба ќе биде предаден во владение на Општина Карпош.

Изградбата на базенот започнала во 2023 година преку тогашната Агенција за млади и спорт, но проектот подоцна останал недовршен. Министерството за спорт, во рамки на Програмата за изградба и реконструкција на спортска инфраструктура, обезбедило средства за завршување на проектот и негово ставање во функција.

Министерот Борко Ристовски истакна дека инвестициите во спортска инфраструктура се важни за развој на спортот, рекреацијата и здравите навики кај младите.

„Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите капитални проекти кои беа заостанати. Имаме обврска да ги завршиме проектите кои ги затекнавме на почеток на градба и да ги ставиме на располагање на граѓаните. Ова е шестиот базен кој Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а ја почнуваме и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци“, рече Ристовски.

Тој додаде дека ваквите проекти имаат значење не само за спортот, туку и за најмладите.

„Ова е еден од оние проекти кои имаат не само спортска, туку и многу поголема важност, бидејќи се наменети првенствено за најмладите – да пливаат, да спортуваат и да учат вистински вредности“, посочи Ристовски.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со реализација на започнатите проекти и со инвестиции во соработка со општините.

„Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро, корисно за заедницата и пред сè за најмладите. Посакувам во наредниот период да имаме уште многу вакви проекти, да отпочнеме нови и оние што се отпочнати да ги завршиме“, рече Мицкоски.

Со отворањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на проектите за изградба на затворени базени низ државата. Претходно беа завршени и предадени на општините базените во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода и во Штип.

Наскоро во употреба треба да бидат пуштени и затворените базени во Битола, Кичево и во Општина Ѓорче Петров, а Министерството за спорт ја започна и изградбата на базени во Струмица и во Кавадарци.

Од Министерството посочуваат дека инвестициите во спортската инфраструктура се еден од клучните приоритети, со цел создавање подобри услови за спортистите, развој на младинскиот спорт и поголема достапност на спортските содржини за граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс