Есенва ќе се реновира базенот во СЦ „Борис Трајковски“, ќе биде затворен за време на реконструкцијата

Реконструкцијата на базенот во СЦ „Борис Трајковски“ треба да започне есенва. За време на обновата, базенот ќе биде затворен, а пливачките клубови ќе бидат пренасочени во други базени.

Реконструкцијата на базенот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“ треба да започне есенва, откако ќе биде целосно изработен проектот за обновување на објектот.

Од СЦ „Борис Трајковски“ велат дека базенот ќе продолжи да работи додека проектната документација не биде завршена, но засега нема точно утврден датум кога ќе почнат градежните активности.

Според информациите од спортскиот центар, реконструкцијата ќе го опфати објектот целосно. Оттаму нагласуваат дека базенот, по 50 години, ќе добие нов лик и услови за непречено функционирање во следните три до четири децении. Сепак, конкретно не наведуваат што точно ќе биде опфатено со реновирањето.

За финансиската конструкција, од СЦ „Борис Трајковски“ велат дека сè уште се чека проектот, кој треба да ја дефинира и вредноста на реконструкцијата.

Бидејќи за време на реконструкцијата базенот ќе биде затворен, пливачките клубови ќе бидат пренасочени во новите училишни базени во Карпош и Кисела Вода.

„За сите дополнителни информации благовремено ќе ги известиме медиумите“, одговорија од СЦ „Борис Трајковски“.

Базенот претходно беше реновиран во 2010 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а директор на објектот беше Ратко Капушевски.

Лани, кога падна летва од таванот, управителот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, во изјава за медиумите истакна дека тоа се случило затоа што претходното реновирање не било направено како што треба. Тогаш најави целосна санација за отстранување на проблемите.

Во базенот сега е поставено црно платно на таванот, по санацијата што траеше пет месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс