„Астерфест“ од 4 до 8 август во Струмица

ауреат на престижната награда „Астер“ оваа година е Синоличка Трпкова за највисоки достигнувања во македонскиот, балканскиот и светскиот филм

Од 4 до 8 август, во Струмица, традиционално по 21. пат ќе се одржи интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.

Според овогодишното фестивалско мото „Со отворени очи“, независните филмски автори метафорично ја повикуваат публиката да гледа како животот тече како на филмска лента низ бројните приказни раскажани од различни краишта на светот. Физиономијата на фестивалот, кој е препознатлив не само во регионот туку и во меѓународната фестивалска мрежа, останува иста, со акцент на авторските филмови. И оваа година селектираните програмски блокови се разновидни и инвентивни, а покрај кусометражните, има и долгометражни филмски содржини.

Програмата опфаќа 20-тина строго селектирани квалитетни и нови филмови од повеќе видови и жанрови. Во програмите Глобална фикција, Астердокс, Анимоушн и Мери-дионс ќе можат да се видат: канадскиот „Девојчето што ронеше бисери“ на Крис Левис и Мациек Шчербовски, кои добија Оскар оваа година, данскиот „Душа птица“ на Тобијас Кампман (зад кој стои трикратната оскаровска ММ-продукција), грузискиот „Земјата на мажите“ (добитник на „Срцето на Сараево“) на Маријам Бакачо Хачвани, грчко-германскиот „Изгубени гардении“ на Галатија Лагутари, чешко-британско-македонскиот „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, британските „Нешто бесмислено“ на Ејса Бејли, со Овен Тил во главната улога, и „Без милост“ на Ема Зафировска, канскиот француско-палестинско-грчки победник.

„Драго ми е што си мртов“ на Тауфик Бархом, мексиканско-шпанскиот „Ние сме вода“ на Хорхе Малпика, кинеско-хонгконшкиот „Нилски коњи“ на Лин Џијанџие, бугарскиот „Оџачарот“ на Настимир Цачев, полскиот „Полека, брзо, полека“ на Јагода Чарнек, рускиот „Превозник“ на Максим Кулагин, норвешкиот „Примален нагон“ на Хенрик Ремеј, јужнокорејскиот повеќенаградуван „Разденување“ на Хе-о Пак, мозамбискиот „Рипка“ на Каушик Субраманијам, француската комедија „Франсин, исток-запад“ на Елвира Барбоза, како и македонските „Неми филмови“ на Крсте Господиновски и „Остров“ на Бранко Костески.

Покрај натпреварувачката, секоја вечер ќе има и ревијална програма со филмови кои се интересни од повеќе творечки аспекти. Специјална проекција ќе има филмот за еден од најзначајните филмски автори на векот – тоа е документарецот „Версус: животот и филмовите на Кен Лоуч“, во знак на 90 години од раѓањето на легендарниот филмски автор Лоуч и една деценија од продуцирањето на филмот од страна на „Шеснаесет филма“.

Духовитиот, провокативен и прониклив филмски портрет на Луиз Осмонд навлегува во животот и кариерата на еден од најславните и најконтроверзни британски режисери. Осмонд во овој филм ја истражила кариерата на Кен Лоуч од неговите рани денови како театарски режисер, преку телевизиските драми, па сè до поново време. Овој изненадувачки искрен документарец е многу повеќе од обично сведоштво за творештвото на Лоуч. Повеќе е една разиграна студија за процесот и предизвиците при градењето на една толку уникатна кариера со извонреден опус.

На „Астерфест“ ексклузивна проекција ќе има и македонско-швајцарско-американскиот документарно-игран филм „Железна тврдина“, по сценарио и во режија на Митко Панов. По пандемијата, американскиот филмски режисер Кевин Китон доаѓа во Демир Хисар, за да води работилница за „Филмот како терапија“ за пациентите во психијатриската болница. И покрај огромните предизвици, ентузијазмот на пациентите и нивната креативност ја спасуваат работилницата, а и него, кулминирајќи со церемонијата „Демирхисарски Оскар – Златна пчелка“, каде што конечно се бришат границите меѓу документарното и фикцијата.

Во чест на наградените ќе се прикаже и тукушто произведениот „Филм до вжештување“ на Дарко Баиќ, кој имаше премиера на „Белдокс“. Тоа е своевиден биографски филм за Боро Драшковиќ, еден од најзначајните европски режисери, кој целиот свој живот го посветува на уметноста на раскажувањето преку филмот, театарот и книжевноста. Како професор и творец, тој патува низ светот и го пренесува своето знаење обликувајќи нови уметници, додека преку своите книги и сценски дела истражува што значи да се создава и како уметноста го разбира светот.

Со посредство на Шведскиот филмски институт, специјална проекција на „Астерфест“ ќе има и дигитално реставрираната верзија на „Жртвопринесување“ на Андреј Тарковски, во знак на 40-годишнината од продукцијата на ова ремек-дело. Во својот последен филм, филмскиот мајстор во егзил Тарковски го истражува светот на работ на нуклеарна војна. Идиличната роденденска прослава на Александар (Ерланд Јозефсон) на далечен шведски остров е прекината од веста за избувнувањето на Трета светска војна и претстојна нуклеарна катастрофа. В

о очај, тој ветува дека ќе се откаже од сè што му е драго доколку тоа помогне да се спречи катастрофата. Снимен во Шведска со учество на некои од долгогодишните соработници на Ингмар Бергман, филмот носи елементи на омаж за шведскиот режисер. Сепак, филмот останува недвосмислено тарковскиевски, и стилски и тематски. Како и секогаш длабоко филозофски настроен, Тарковски поставува прашања за местото на духовноста во современиот свет управуван од технологијата.

Лауреат на престижната награда „Астер“ оваа година е Синоличка Трпкова (1965, Скопје). Признанието ѝ се доделува за највисоки достигнувања во македонскиот, балканскиот и светскиот филм, како и на телевизијата и во драмските уметности. Нејзиниот долгогодишен особен ангажман во полето на седмата уметност и сродните медиуми, независните продукции и образовната сфера, не само кај нас и во Југоисточна Европа туку и многу пошироко, се пример за посветена личност, актер, сестран автор и професионалец, кој уште од своите најрани улоги е главна алка во она што се нарекува „авторски филм“, придонесувајќи со својот раскошен талент за значајни триумфи во европската кинематографија и ТВ-продукцијата, одбележувајќи ги, меѓу другото, и успесите на режисерите Емир Кустурица, Столе Попов, Иван Митевски, Слободан Унковски и на многу други.

По тој повод, Синоличка Трпкова изјави:

– Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ми причини невообичаена радост со тоа што одлучи да го вброи моето име покрај Мигел Ермосо, Карољ Вичек, Данчо Чеврески, Пиро Милкани, Желимир Жилник… Оваа награда дејствително гради однос на доверба, која, пак, бездруго, оди рака подрака со одговорноста. Прва и досега единствена јавно покажана доверба во мене овде, дома, после повеќе децении моја академска, филмска и театарска дејност. „Астерфест“, благодарам!

Наградата на Синоличка Трпкова ќе ѝ биде врачена на свеченото отворање на Фестивалот, на 4 август.

Главна локација за вечерните проекции е летниот Амфитеатар во струмичкиот Градски парк, а вонредна локација е Домот на АРМ. Промоцијата на актуелната филмска литература, мини работилницата и мастеркласот ќе бидат одржани во Младинскиот културен центар, а ни оваа година нема да изостане посетата на филмските гости во монументалниот манастир „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса.

За Гран-прито, за Златната, Сребрената и Бронзената потковица, како и за наградите за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ и за најдобар режисер „Ацо Алексов“, ќе одлучува меѓународно стручно жири.

Официјалниот плакат, кој кореспондира со овогодишното мото, е дело на Ване Костуранов, а уникатните статуетки ги креираше и ги изработи Никола Пијанманов. Филмскиот фестивал „Астерфест“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РС Македонија и од Општина Струмица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс