Граѓаните повторно се соочуваат со нов ценовен притисок. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во април достигнала 5,7 проценти во споредба со истиот месец минатата година, при што најголем раст на цените е регистриран кај храната и безалкохолните пијалаци – дури 8 проценти.
Значително поскапување е забележано и кај транспортот, како и кај рекреацијата, спортот и културата, каде инфлацијата достигнала 5,4 проценти. Раст на цените има и кај трошоците за домување, образование и лична нега, што дополнително го зголемува товарот врз семејните буџети. Во првите четири месеци од годинава, инфлацијата изнесува 4,2 проценти во однос на истиот период лани.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата внимателно ја следи состојбата и оценува дека месечната инфлација од околу еден процент покажува дека ценовната состојба е под контрола. Тој нагласи дека земјава, според применетите антикризни мерки, е меѓу првите три во Европа, повикувајќи се и на проценките на Меѓународниот монетарен фонд.
„Како Влада правиме и повеќе од нашите моментални можности, имајќи предвид каква состојба наследивме“, изјави Мицкоски.
Од опозициската СДСМ, пак, реагираат дека статистиката ја покажува „суровата реалност“ со која се соочуваат граѓаните. Според партијата, економските политики на Владата не даваат резултати, а растот на цените директно го погодува животниот стандард.
Економскиот експерт Бранимир Јовановиќ смета дека институциите мора посериозно да реагираат и да ги земат предвид реалните трошоци за живот. Тој предупредува дека без повисоки плати и конкретни мерки за заштита на најранливите категории, ценовниот раст дополнително ќе го продлабочи економскиот притисок врз домаќинствата.
„Ако се покачи минималната плата, ќе има минимално влијание врз цените, но ќе се заштитат најсиромашните граѓани“, оценува Јовановиќ.
Во меѓувреме, дел од меѓународните институции веќе ги ревидираат прогнозите и очекуваат повисока инфлација од претходно проектираните 2,5 проценти, што отвора дилеми дали поскапувањата ќе продолжат и во наредните месеци.