Тужбата, поднесена пред Окружниот суд на САД за Северниот дистрикт на Калифорнија, тврди дека прекршокот бил направен од највисокото раководство на OpenAI, вклучувајќи го и главниот директор за хардвер Танг Тан, човек кој 24 години работеше во Apple, а последно служеше како потпретседател за дизајн на производи за iPhone и Apple Watch пред да замине во 2024 година. Apple го обвинува Тан дека ги користел доверливите внатрешни кодни имиња на проекти на компанијата за време на процесот на регрутирање на OpenAI, барајќи од кандидатите за работа да донесат вистински хардверски компоненти на Apple на интервјуата за сесии на „покажи и раскажи”, обучувајќи ги вработените што заминуваат како да ги избегнат безбедносните процедури на Apple при излегување, и барајќи детали за необјавени производи.
Тужбата исто така го именува и Чанг Лиу, поранешен виш системски електроинженер кој поминал осум години во Apple пред да се приклучи на OpenAI во јануари 2026 година. Apple тврди дека Лиу не го вратил лаптопот доделен од компанијата и го користел за да преземе доверливи технички документи, вклучувајќи спецификации, инженерски презентации и сопственички податоци за проекти поврзани со необјавени технологии. Лиу дополнително е обвинет дека ги споделил тие информации со други вработени на Apple кои аплицирале за работа во OpenAI, советувајќи барем еден од нив што да проучи пред интервјуто. Apple вели дека испратила писмо до OpenAI за да се произнесе за овие загрижености уште во февруари, но не добиле одговор.
За OpenAI отсекогаш се шпекулирало дека развива свој прв хардверски производ, за кој аналитичарите од индустријата веруваат дека на крајот би можел директно да конкурира на iPhone, потпирајќи се на AI агенти наместо на традиционални апликации. Централен дел од тие напори е io Products, дизајн-студиото основано од Тан заедно со поранешниот главен дизајн-директор на Apple, Џони Ајв, кое OpenAI го купи минатата година во договор вреден 6,5 милијарди долари. io е именувана како обвинета страна во тужбата, иако самиот Ајв не е. Тужбата на Apple тврди дека нивната поширока истрага открила дека OpenAI и нејзините партнери активно користеле незаконски присвоени информации на Apple додека го граделе тој хардвер, наведувајќи еден случај во кој производствен партнер наводно бил доведен во заблуда да изведе техника за обработка на метал на Apple, верувајќи дека имал дозвола од Apple.
„Ова е само врвот на сантата мраз”, наведе Apple во тужбата, тврдејќи дека новиот хардверски бизнис на OpenAI „сега почива на најнестабилни темели, расипани до корен поради нивното потпирање на незаконски присвоени деловни тајни”. Apple бара од судот да ѝ забрани на OpenAI да ги користи или открива нејзините деловни тајни, да нареди враќање на сите доверливи материјали, и да ги зачува доказите релевантни за случајот. Во изјава, од Apple велат дека сериозно ја сфаќа заштитата на работата на своите тимови и дека „се појавиле значителни докази” за прекршувања. OpenAI, во изјава објавена на X, велат дека немаат „интерес за деловните тајни на другите компании” и остануваат „фокусирани на градење иновативна технологија што им дава моќ на луѓето насекаде”.