Кошаркарскиот тренер Антонио Савевски загина во несреќа на патот Охрид – Кичево

Триесет и тригодишниот кошаркарски работник настрада откако со возилото удрил во кучиња скитници и метални браници на патот во изградба.
Фото: NEST MEDIA

Кошаркарскиот тренер Антонио Савевски (33) загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на автопатот во изградба Охрид – Кичево. Според информациите од СВР Охрид, несреќата се случила околу 23:30 часот кога возилото со кое управувал удрило во бездомни кучиња, а потоа во заштитната ограда, по што автомобилот се запалил.

Несреќата се случила доцна во ноќта додека триесет и тригодишниот Савевски управувал патничко возило „хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки. Според полицискиот извештај, автомобилот прво налетал на кучиња скитници кои се наоѓале на коловозот, а потоа удрил во металните браници покрај патот.

Веднаш по силниот удар избил пожар во кој возилото целосно изгорело. На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица од Охрид, која го изгаснала пламенот, но лекарите можеле само да констатираат смрт на возачот. Полицијата и јавен обвинител извршија увид, а надлежните органи водат истражна постапка за точно утврдување на сите околности.

Савевски со години работеше со младинските категории во Охрид и важеше за посветен спортски работник меѓу младите генерации. Меѓу сограѓаните беше препознатлив и како пасиониран љубител на кошарката со приватна колекција од над 400 оригинални спортски дресови.

Тој беше активен член на навивачката група „Рибари“ и редовно ги следеше натпреварите на сите охридски клубови. Терминот за последниот испраќај ќе биде соопштен по завршувањето на официјалните процедури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс