Антикорупциска ќе ја „чешла“ прославата за независноста

ДКСК отвори предмет по допрен глас за да истражи како членот на комисијата за избор на понуди заврши како платен изведувач на 8 Септември.
Фото: Facebook/Nikolce Micevski

Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за судир на интереси против Николче Мицевски. Антикорупционерите проверуваат како музичарот прво оценувал кој ќе ја организира државната прослава за 35 години независност, а потоа самиот се качи на бината како дел од програмата. ДКСК засега истражува само негов личен конфликт на интерес, додека целата финансиска конструкција од 4,8 милиони евра преку Државна лотарија останува надвор од предметот.

Целиот случај тргна од медиумските објави кои открија дека Николче Мицевски имал две целосно спротивставени улоги во ист настан. Тој беше претседател на надворешната комисија формирана да ја оцени понудата за прославата на независноста. Комисијата избра единствен понудувач, фирмата „Стардаст“.

Повикот траеше до петок, а веќе три дена подоцна организаторите објавија дека главна ѕвезда ќе биде Дејвид Гета. Но како дел од програмата беше и настапот на тенорот Хозе Карерас, во кој директен учесник беше токму Мицевски.

Ваквата шема отвора класичен сомнеж за судир на интереси: претседател на комисија одобрува понуда од приватна фирма, а истата фирма потоа му исплаќа ангажман на сцена за државни пари.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, потврди за „Слободен печат“ дека отворениот предмет се однесува исклучиво на постапувањето и двојната улога на Мицевски.

Останатите аспекти од прославата засега не се дел од истрага. Антикорупциска одговара дека ги следи информациите во врска со потрошените 4,8 милиони евра од Државна лотарија за организирање на прославата, но официјална истрага за лотариските пари засега нема отворено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс