Фудбалската репрезентација на Англија ја победи Франција со спектакуларни 6:4 во натпреварот за третото место на Светското првенство во Мајами, освојувајќи го бронзениот медал и милионска награда. Англичаните имаа убедливо водство од 4:0 на полувремето, но Франција во вториот дел се врати на 4:3 и пропушти неколку големи шанси за целосен пресврт. Сепак, Англија успеа да ја зачува предноста и да стигне до победата.
Херој на натпреварот беше Букајо Сака, кој постигна хет-трик. Во листата на стрелци се запишаа и Деклан Рајс, Џуд Белингам и Езри Конса. За Франција, Килијан Мбапе постигна два гола и стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства. Асистираше и за погодокот на Бредли Баркола, а во листата на стрелци се запиша и Усман Дембеле.
Победата вреди милион и пол евра повеќе
Освен бронзениот медал, Англиската фудбалска асоцијација ќе инкасира и нешто повеќе од 25 милиони евра за освоеното трето место. Франција, како четвртопласирана селекција, ќе добие 23,6 милиони евра, што значи дека победата во дуелот за бронзата донесе околу 1,5 милиони евра дополнителен приход.
ФИФА за Светското првенство обезбеди значителен награден фонд. Светскиот шампион ќе заработи 43,7 милиони евра, додека поразениот финалист ќе добие 28,8 милиони евра.
Покрај наградите за конечниот пласман, сите репрезентации добиваат и дополнителни средства за подготовките и учеството на турнирот.