Андоновски: Бесплатен роаминг со ЕУ е можен од 1 јануари 2027 година

Министерот Стефан Андоновски најави дека укинувањето на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан би можело да стартува од 2027 година, додека Македонија веќе ги усогласува законите со европските правила.

Укинувањето на роамингот меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан би можело да стане реалност од 1 јануари 2027 година, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека конечната динамика зависи од институциите во Брисел.

Според него, постои можност процесот да заврши и порано, но роковите не се во рацете на земјите од регионот, туку на Европската Унија.

„Оптимистичко сценарио е граѓаните да добијат бесплатен роаминг од почетокот на 2027 година, но тоа зависи од процедурите и одлуките на ЕУ“, изјави Андоновски на настан посветен на дигиталната трансформација и конкурентноста во Западен Балкан.

Министерот посочи дека Македонија веќе работи на усогласување на домашната регулатива со европското законодавство во областа на електронските комуникации. Во тек е имплементација на повеќе европски директиви и регулативи кои треба да овозможат поевтин, а подоцна и целосно бесплатен роаминг со земјите членки на Унијата.

Тој информираше дека измените на Законот за електронски комуникации веќе се испратени до Европската комисија на мислење, по што ќе следи нивно усвојување во Собранието.

Во меѓувреме, започнува и официјалниот преговарачки процес меѓу ЕУ и државите од Западен Балкан. Македонија веќе назначила свои претставници за разговорите, а конкретните рокови се очекува да бидат дефинирани по состанокот меѓу ЕУ и регионот што ќе се одржи во Тиват.

Планот предвидува Европската комисија да склучува посебни договори со секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Иницијативата е дел од пошироката стратегија на Европската Унија за постепена интеграција на регионот во европскиот дигитален и телекомуникациски простор, со цел граѓаните да патуваат без дополнителни трошоци за интернет, повици и пораки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс