Квир поезија, „Тригер“ и диџеј сет во Љубов бар

Во рамки на „Викенд на гордоста Скопје 2026“, Култура Бета вечерва организира книжевна, поетска и музичка вечер „Анархични квир тела и поезија“, со промоција на вториот број на „Тригер“ и публикацијата „Избор од современата македонска квир поезија“.

Книжевна вечер, поетско читање и диџеј сет ќе се одржат утре вечер, 10 јуни, со почеток во 20:00 часот во Љубов бар, како дел од програмата на „Викенд на гордоста Скопје 2026“. Настанот „Анархични квир тела и поезија“ го организира Култура Бета, а влезот е слободен.

Вечерта е посветена на квир културата како простор на книжевност, критика, уметност и отпор. Наместо да ја третира квир културата како маргинална појава, програмата ја поставува како важен дел од современата домашна и регионална културна сцена.

Во рамки на настанот ќе бидат промовирани вториот број на списанието за општа култура „Тригер“, во издание на Култура Бета, како и публикацијата „Избор од современата македонска квир поезија“.

Новиот број на „Тригер“ е целосно посветен на квир културата, уметноста, теоријата, книжевноста, поезијата, филмот и критиката, со фокус на македонската, регионалната и меѓународната квир сцена. Изданието отвора простор за афирмација на настраното постоење, уметност и култура, преиспитувајќи ги нормативните граници на родот, сексуалноста, традицијата и патријархалните структури.

Публикацијата „Избор од современата македонска квир поезија“ нуди ново исчитување на македонската книжевност низ квир перспектива. Изборот не ја сведува квир книжевноста само на литература поврзана со ЛГБТК+ идентитетите, туку ја отвора кон теми како родова флуидност, неприпадност, слобода, безбедност, телесност, митологија, еколошка свест, антикапитализам и феминистичка критика.

Во промотивниот разговор ќе учествуваат Андреј Медиќ Лазаревски како модератор, заедно со Марија Велинова, Стефан Спасовски и Ивана Јовановска. По разговорот ќе следи поетско читање на застапените авторки и автори, а вечерта ќе продолжи со диџеј програма.

Култура Бета е младински колектив што се занимава со креативен, уметнички и културен активизам, промоција на младинска, независна и алтернативна култура, издаваштво, книжевни читања, концерти, изложби и фестивалот „Ре-култура“. Во изминатите шест години колективот гради простор за млади автори, алтернативни сцени и критичка култура.

„Викенд на гордоста Скопје 2026“ годинава се одржува под тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ и трае до 13 јуни. Фестивалот се одржува во повеќе културни простори во Скопје, меѓу кои МСУ, МКЦ, Драмски театар, Котур и Љубов бар.

Фестивалот е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс