Amazon објави дека сега располага со доволен број сателити во орбитата за да ја започне комерцијалната работа на својата сателитска интернет-услуга Amazon Leo, која треба да стартува подоцна оваа година. Со овој проект технолошкиот гигант директно влегува во трката со SpaceX и неговата мрежа Starlink.
Постигната клучна пресвртница
Во раните утрински часови во четвртокот, Амазон успешно лансираше уште 29 сателити со ракетата Atlas V на компанијата United Launch Alliance. Со тоа, вкупниот број на сателити во неговата констелација надмина 390. Потпретседателот за производи и развој на Amazon Leo, Крис Вебер, на социјалната мрежа X соопшти дека ова е доволно за обезбедување континуирана услуга во почетните региони каде што ќе биде достапна мрежата.
Развојот на проектот не помина без проблеми
Амазон го претстави својот проект за сателитски интернет уште во 2019 година, а во ноември 2025 година официјално го преименува во Amazon Leo. Компанијата планира да изгради мрежа од околу 3.236 сателити, но реализацијата се соочи со сериозни предизвици, меѓу кои недостиг на ракети за лансирање и неколку неуспешни мисии.
Најголемиот инцидент се случи на 28 мај, кога ракетата New Glenn на компанијата Blue Origin, основана од Џеф Безос, експлодираше за време на тестирање на моторите во вселенскиот центар Кејп Канаверал. Ракетата требаше да пренесе 48 сателити на Amazon Leo, но од компанијата соопштија дека тие сè уште не биле поставени на леталото и не биле оштетени.
Извршниот директор на Blue Origin, Дејв Лимп, изјави дека компанијата работи на враќање на New Glenn во употреба уште оваа година, со подобрена конфигурација за идните лансирања.
Голема трка со Старлинк
Амазон најавува дека следната мисија ќе ја користи тешката ракета Vulcan, која има поголем капацитет и треба да го забрза поставувањето на новите сателити. Сепак, конкуренцијата останува силна. Starlink на SpaceX моментално располага со повеќе од 10.400 активни сателити, додека мрежата на OneWeb брои околу 650. Со своите повеќе од 390 сателити, Amazon Leo засега е третата најголема сателитска констелација во светот.
Амазон уште во ноември отвори бета-пристап до услугата Amazon Leo за деловни корисници, а целосното комерцијално пуштање во употреба е планирано за третото тримесечје од 2026 година.