Во организација на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер (Шенѓул) амам, веднаш до Куршумли ан во Скопје, денес ќе се одржи перформативниот настан „Амам интернационала – под куполите“, со слободен влез за посетителите.
Станува збор за перформативен патопис и колективна изведба на замислување на визуелниот уметник Синиша Илиќ и театарскиот автор Бојан Ѓорѓев, создадена во соработка со Биљана Тануровска-Ќулавковски, Роналд Панза, Анила Кабаши, Ана Миљаниќ, Драгана Јововиќ, Арес Шпорта и Катарина Поповиќ.
Проектот ги води учесниците низ приказните на балканските амами – простори кои некогаш биле места на средба, дијалог и заедничко живеење. Преку партиципативна реконструкција на купола, тетратка за доцртување и реобмислување и уметнички патопис низ историски и современи наративи, авторите отвораат прашања за наследството, заедничкото добро и можностите за повторно осмислување на јавниот простор.
Во фокусот на проектот се куполите на амамите – препознатлив архитектонски симбол кој го обликувал односот меѓу приватното и јавното. Нивното исчезнување, според авторите, претставува и исчезнување на одредени форми на заедништво, поради што преку колективниот перформанс симболично се обновува просторот на средба, грижа и општествена имагинација.
„Амам интернационала – под куполите“ е дел од долгогодишното истражување на Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев за културното наследство, урбаните простори и колективните практики. Двајцата автори се познати по нивната работа во областа на визуелната уметност, перформансот, театарот и независната културна сцена, а се и коосновачи на уметничко-теориската платформа TkH (Walking Theory) од Белград.
Синиша Илиќ е меѓународно признат визуелен уметник чии дела биле претставени во некои од најзначајните европски и светски институции, меѓу кои Музејот MAXXI во Рим, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду во Париз и Кунстхале Виена.
Настанот нуди можност за поинакво доживување на културното наследство, не како музејски артефакт, туку како жив простор за размислување, средба и заедничко создавање.