Брзата помош интервенираше пред „Алта банка“ во Битола по отворањето на шалтерите

Во главната филијала претпладнево се исплаќаа до 20.000 денари на клиенти без картички кои добиле СМС-порака. Пред влезот се собраа и граѓани што не добиле известување.

Екипи на Брзата помош интервенирале неколкупати откако на граѓани им се слошило додека чекале пред главната филијала на „Алта банка“ во Битола, известува Жанета Здравковска, дописничка на САКАМДАКАЖАМ.МК. Банката утрово повторно ги отвори шалтерите, а кај банкоматот имало полициско обезбедување.

На шалтер претпладнево биле примани само клиенти без платежни картички кои добиле СМС-порака. Во пораките бил наведен периодот од 8 до 12 часот, без поединечен термин. Исплатата на социјалната помош била најавена, но до претпладне парите сè уште не биле пристигнати, пишува Здравковска.

Редици имало и пред други банки, каде што дел од пензионерите отворале сметки за да ја префрлат пензијата. За тоа им била потребна и потврда од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Канцелариите на Фондот се на третиот кат во зграда без лифт, што им го отежнало пристапот на повозрасните граѓани и на лицата со попреченост.

Народната банка воведе привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола на 1 ноември. Лимитот за подигање готовина од банкомат изнесува 10.000 денари неделно.


Извор Жанета Здравковска, САКАМДАКАЖАМ.МК

е-Трн да боцка во твојот инбокс